Изминаа 14 години откако беа ставени потписите на Охридскиот рамковен договор. Документот го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и лидерите на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Имер Имери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
Со него, формално беше ставен крај на конфликтот во 2001 година и се нацрта рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива на државата.
Овој Рамковен договор требаше да го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани.
14 години, поради дневно-политички цели, од политичките субјекти често пати овој договор беше толкуван различно. За улогата на Договорот постои голема поделеност и кај експертите. За едни неговото потпишување беше неопходно, според други пак беше непотребно и неефикасно.
Во продолжение можете да ги прочитате основните принципи кои ги содржи овој договор:
– Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.
– Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.
– Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.
– Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.
– Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.
Интересно е да се спомене што Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски се единствените живи потписници денес.