Марихуана во вкупна тежина од 10,5 килограми која била наменета за германскиот пазар, викендов заврши во рацете на Царинската управа на Република Македонија, откако бил откриен обид за шверц на граничниот премин Табановце.
Околу 8:00 часот во сабота при вршење на царинска контрола на граничниот премин Табановце на излез од Република Македонија Царинските инспектори од Одделението за оперативни работи селектирале за контрола патнички автобус со македонски регистарски ознаки кој се обраќал на редовна линија Гостивар-Женева.

Како што информираат од Царинската управа на Република Македонија, при прегледот на автобусот, вклучено било и царинско куче кое реагирало на една од патните торби сместени во просторот за багаж. По отворањето на торбата пронајдени биле 15 опаковки со различна големина исполнети со марихуана со вкупна тежина од околу 10,5 килограми. Ниту еден од патниците во автобусот не се пријавил како сопственик на патната торба.


