Во нападот во кој САД го заробија Николас Мадуро во Каракас, загинаа 100 лица, објави венецуелскиот министер за внатрешни работи, Диосдадо Кабело.
Според него, соборениот венецуелски претседател и неговата сопруга се исто така повредени во нападот.
„Досега, и нагласувам досега, има 100 мртви, а сличен број се ранети. Нападот врз нашата земја беше ужасен“, рече Диосдадо Кабело во својата неделна емисија на јавната телевизија, пренесува Франс 24 на својата веб-страница.
Тој рече дека сопругата на Мадуро, Силија Флорес, е повредена во главата и претрпела удар во телото, а дека Мадуро е ранет во ногата, додавајќи дека за среќа тие се опоравуваат.
На 3 јануари, американските специјални сили ја нападнаа Венецуела и ги одведоа претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга во Њујорк, каде што го обвинуваат за организирање трговија со дрога.
Досега се објавуваше дека Каракас бил бомбардиран за време на нападот и дека најмалку 24 венецуелски војници биле убиени.
Кубанската влада претходно потврди дека 32 кубански воени и полициски офицери кои работеле во Венецуела биле убиени во американскиот напад.
Вршителот на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, вчера прогласи седумдневна национална жалост за припадниците на венецуелската армија, кои загинаа во американскиот напад врз Каракас.

