Десет пациенти сместени на Инфективното одделение во кумановската Општа болница се на кислородна поддршка и со потешка клиничка слика, велат за Кумановски Муабети од Министерството за здравство.
Утринава болницата испратила соопштение до Министерството дека од 18 кревети исполнети се сите и следните пациенти ќе бидат испратени на Инфективната клиника во Скопје.
– Капацитетот на инфективниот оддел е 18 кревети, имаат 10 пациенти на кислородна подршка со потешка клиничка слика. Другите се со средно тешка клиничка слика. Потешките пациенти кои ќе дојдат во Општата болница Куманово ќе бидат испратени на Инфективната клиника во Скопје, велат од Министерството.
Сепак, поголем број од пациентите се од Липково, каде според информациите од терен и натаму тешко се одвива тестирањето, затоа што голем дел од жителите не веруваат во вирусот и одбиваат да им биде земен брис.
На прашањето од Кумановски Муабети, како планира министерството да се справи со овој проблем, велат дека во тек се засилени активности од страна на матичните лекари.
– Во тек се засилени активности од страна на матичните лекари за информирање на пациентите за симптомите и тежината на заболувањето, како и на начинот на спроведувањето на тестирањето и добивањето на резултати и понатамошно лекување. Центарот за јавно здравје врши епидемиолошко истражување за вклучување на лица кои не се доволно убедени преку лична комуникација и анкети, стои во одговорот.
Инаку, Центарот за јавно здравје денеска бележи шест нови пациенти, од кои пет од Куманово и еден од Липково. Во моментов активни се 225 случаи во двете општини.
Никола Ивановски