Светската здравствена организација има информации дека инфекцијата со мајмунски сипаници од почетокот на годината е потврдена кај 1.600 луѓе, а сомнителни се уште 1.500 случаи во 39 земји, изјави директорот на таа организација Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој прецизираше дека меѓу тие земји има седум во кои со години е присутна инфекцијата, а сега се погодени 32 земји, пренесува ТАСС.
Според него, пријавени се 72 смртни случаи од претходно погодените земји.
Тој додаде дека нема пријавени смртни случаи во земјите каде што неодамна се појавија мајмуни сипаници, иако, како што рече, СЗО ги проверува извештаите од Бразил за смртни случаи поврзани со таа болест.
Тедрос оцени дека глобалниот изглед на мајмуните сипаници е „невообичаен и загрижувачки“.
Тој изјави дека СЗО не препорачува масовна вакцинација против мајмунски сипаници.
Тој додаде дека се очекува вакцините против сипаници да обезбедат одредена заштита.