Специјална плакета за трајни вредности доби документарниот филм „Неколку цркви од кумановско со царски двери во резба“, на авторот Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметност во НУ Музеј – Куманово, на 30-тото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „КАМЕРА 300“ кој се одржува во Битола, информираа денеска од музејот.
-Документарниот филм ги обработува црквите Света Богородица во Пчиња, Свети Никола во Винце, Свети Илија во Живење, Свети Никола во К’шање и Свети Атанасиј во Кокошиње. Овие цркви од кумановско се од 19 век. Дел од нив се изградени на постари цркви од 16-тиот век. Во филмот опфатена е архитектурата, дверите, работата на познатите македонски зографи, изјави авторката Андреиќ.
Фестивалот се одржа на 28-ми и 29 октомври годинава, а учествувале 40 документарни филма од единаесет држави од Европа (Велика Британија, Турција, Бугарија, Словенија …) и еден филм од Америка. Фестивалот се одржува во рамки на програмата на градот Битола по повод 4 ноември, денот на ослободувањето на градот. Инаку, овој фестивал е исклучиво за културни цели и како таков ја негува традицијата и културните вредности на народите.
Документарниот филм „Неколку цркви од Кумановско со царски двери во резба“ е проект поддржан од Министерството за култура на РС Македонија за 2022 година. Документарниот филм е изработен во соработка со Телевизија Плус од Куманово.
МИА