Од денеска граѓаните ќе можат да посетуваат задолжителна обука за управување со мотоцикл до 125 кубни сантиметри во автошколи кои поседуваат лиценца за категоријата „А1“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од МВР информираат дека се финализирани сите неопходни формално-правни и технички предуслови за спроведување на законските измени што се однесуваат на управување со мотоцикли до 125 cm³ со автоматски менувач и моќност до 11 kW.
Обуката ќе трае четири часа и ќе ги опфаќа најважните аспекти на безбедното управување со мотоцикл, меѓу кои користење заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици во сообраќајот.
За да се стекнат со потврда за завршена обука, кандидатите ќе треба да достават лекарско уверение и потврда дека немаат изречена забрана за управување со возило од категоријата „Б“.
Од МВР посочуваат дека доколку лицето подоцна добие забрана за управување со „Б“ категорија, автоматски ќе му биде забрането и управувањето врз основа на издадената потврда.
Правото на оваа обука го имаат лица кои имаат најмалку 23 години и поседуваат важечка возачка дозвола од категорија „Б“ најмалку пет години.
Од Министерството потсетуваат дека управување со мотоцикл до 125 cm³ не е дозволено без претходно завршена теоретска обука и издадена потврда од овластена автошкола.
Никола Ивановски

