ЈП „Водовод“ – Куманово со апел за рационално користење на вода за пиење

Сподели со своите пријатели

ЈП „Водовод“ Куманово упати апел до граѓаните за рационално користење на водата од градскиот водоснабдителен систем, поради значително зголемената потрошувачка во услови на високите летни температури.

Од претпријатието информираат дека во изминатиот период е забележано зголемување на потрошувачката, кое во голем дел е резултат на нерационално користење на водата за пиење за наводнување бавчи, миење дворови, автомобили и други намени кои не се поврзани со основните потреби на домаќинствата.

Поради ваквата потрошувачка, во одредени делови од градот, особено во повисоките зони и во вечерните часови, се јавуваат недостиг на вода и намален притисок.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец пронајден починат покрај кошница за пчели

„Водовод“ апелира до граѓаните водата од системот за водоснабдување да ја користат исклучиво за нејзината основна намена, со цел да се обезбеди непречено и квалитетно снабдување за сите корисници.

Од претпријатието посочуваат дека сите расположливи ресурси за водоснабдување се ставени во функција и максимално се користат за одржување на стабилен систем, но предупредуваат дека со најавените повисоки температури проблемите би можеле дополнително да се продлабочат доколку продолжи прекумерната потрошувачка.

Воедно, ЈП „Водовод“ најави дека во наредниот период ќе ги засили контролите за откривање на неовластено користење на водата од водоводниот систем на градот.

Никола Ивановски