Димитриевски: „Краста“ ќе стане претоварна станица за новата регионална депонија

Сподели со своите пријатели

Депонијата „Краста“ во иднина ќе биде затворена, санирана и претворена во современа претоварна станица од каде отпадот од целиот Североисточен плански регион ќе се транспортира до фабрика за преработка на отпад во Свети Николе.

Ова беше една од клучните информации што денеска ги соопшти градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, образложувајќи ги одлуките поврзани со регионалниот систем за управување со отпад.

 

 

Според него, станува збор за проект кој започнал пред повеќе од 13 години како грант на Европската Унија и кој треба да обезбеди трајно решение за проблемот со отпадот во Североисточниот и Источниот плански регион.

Тој објасни дека по реализацијата на проектот ќе функционира систем во кој отпадот од регионот ќе се собира во претоварни станици, а потоа ќе се транспортира до централната фабрика за преработка.

– Општина Куманово по реализација на овој проект и по изградба на таа фабрика за преработка на отпад и сите тие трансфер станици во двата региони од коишто едната во североисточниот плански регион ќе биде на депонијата Краста, а втората ќе биде во Општина Ранковце, каде што би требало да се депонира на самата претоварна станица времено да се депонира отпадот од целиот североисточен регион, да се префрла во специјални транспортни контејнери на големи камиони и да се носи истиот отпад во фабриката за преработка на отпад, рече градоначалникот.

 

 

Фабриката, според постојната студија изработена од Европската Унија, треба да биде изградена во близина на Свети Николе.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  62-годишен кумановец повреден при извршување работни задачи

Димитриевски потсети дека токму таму настанале најголемите проблеми кои довеле до повеќегодишно одложување на целиот процес.

– Градоначалникот на Свети Николе некаде во 2018 година потпиша согласност и има одлука на Советот за изградба на една таква фабрика на оваа локација којашто претходно беше предвидена со студија а за тоа Општина Свети Николе доби и одредени субвенции од самата Европска Унија и ресорното Министерство за животна средина со изградба на одредени патишта и пристап до истата локација. Но, меѓувреме некаде 2021 кога дојде новиот градоначалник на Свети Николе излезе од тој проект, беше отворено против проектот и Министерството за животна средина му ги одзема ингеренциите, рече Димитриевски.

 

 

Во рамки на проектот е формирано и регионалното јавно претпријатие „Еко Исток-Североисток“, во кое се вклучени 15 општини од двата региона.

На денешната седница се расправаше и за средствата потребни за негово функционирање.

– Првично беше предлогот 100 денари па 60 денари бидејќи еден денар не значи ништо за Општина Куманово, 100.000 денари да партиципира во формирање или во финансирање на едно јавно претпријатие, тоа се ништо пари, дури и оваа милион денари исто така се ништо пари, но се сосема доволно за да самото јавно претпријатие се држи како активно бидејќи веќе истото е регистрирано“, рече Димитриевски.

 

 

Тој додаде дека општините добиваат значителни придобивки во однос на вложените средства.

– Ние како општина освен овие скромни средства не даваме во овој проект, а бенефитите кои што ги добиваме се огромни среќа сите општини во Македонија да можат да добијат вакви грант средства тогаш сме биле среќни што сме биле ставени во таа група“, рече тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец пронајден починат покрај кошница за пчели

Димитриевски оцени дека најголемата придобивка за Куманово ќе биде затворањето на депонијата „Краста“, која со децении претставува еколошки проблем за градот.

– Тоа е битниот сегмент затворање на депонијата Краста и еве актуелната состојба со пожарите на депонија коишто се резултат најголем дел самоопожарувања на депонијата поради складираните подземни гасови на таа локација коишто веќе се создаваат таму повеќе од 80 години, рече градоначалникот.

Тој детално објасни што е предвидено да се направи на локацијата по затворањето на депонијата.

– Би се уредила комплетно оваа депонија, дополнително би се обезгасила значи со посебна метода со набивање на цевки под земја би се извадила целата количина на оној природен метан гас којшто се создал во процесот на ферментацијата на сметот и дополнително истата би била потрупана со големи количини на земја и истата би била пошумена“, рече Димитриевски.

 

 

На истата локација ќе биде изградена и современа претоварна станица.

„На самата локација исто така е предвидено во еден дел на депонијата да се изгради модерна трансфер станица тоа подразбира изградба на бетонски боксови каде што на дневна основа би се складирал т.е. би се транспортирал отпадот којшто ние го произведуваме и дополнително би се претоварувал со специјални машини во тие пресконтејнери со голем капацитет и од таа локација би се транспортирал на локацијата кадешто е предвидено да се гради фабриката“, изјави градоначалникот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец со мотор удрил во карпа кај Страцин, добил тешки повреди

Тој нагласи дека проектот треба да обезбеди трајно решение не само за Куманово, туку и за останатите 14 општини.

– Ова е еден исклучително позитивен проект доколку во целост биде реализиран затоа што истиот не само на Општина Куманово на сите 15 општини во двата региони на долгорочна основа ќе го реши проблемот со дивите со актуелните депонии како што е Краста кај нас дополнително со сите диви депонии и отпадот ќе го трансформира од отпад и смет во финансиско материјално добро од коешто ќе се произведува биогас и дополнително компост“, рече Димитриевски.

Осврнувајќи се на пожарите на депонијата, Димитриевски тврдеше дека ситуацијата е подобра од претходните години.

– Јас најодговорно тврдам ако направите анализа во последните 20 години ќе видите дека во последните шест години имате најмал број на случаи на опожарување на депонија Краста. Во минатото тоа беше континуирано ако се сеќавате таму гореше секојдневно од сабајле до вечер без престан“, рече тој.

Тој додаде дека постојат и сомнежи дека дел од пожарите не се случајни.

– Вие го санирате пожарот на една локација а ви се јавува нов пожар на друга локација во делот кајшто нашата видео опрема за мониторинг не покрива бидејќи ја немаме покриено целата територија, рече градоначалникот.

На крајот Димитриевски ги повика советниците да ги поддржат предложените одлуки, нагласувајќи дека Куманово не треба да биде претставено како општина што го кочи проектот.

Никола Ивановски