Уникатен археолошки наод со претстава на божицата Деметра, откриен на локалитетот Градиште кај Младо Нагоричане, дополнително го потврдува постоењето на ритуално светилиште во античката населба од 4 и 3 век пред нашата ера, соопшти археологот Дејан Ѓорѓиевски од НУ Музеј Куманово по завршувањето на овогодишните археолошки истражувања.
„Ритуалниот карактер на просторот ни го потврди наодот на питос кој на своето устие има декорација од отпечатоци од прстен, на кој има претстава на женско божество – Деметра(?), која држи рог на изобилие во едната рака, а со другата прави либација (течна жртва) со кантарос врз триножник“, вели Ѓорѓиевски.

Истражувањата годинава биле концентрирани на секторот „Долна тераса“, каде во претходните години биле откриени карпести конструкции, камени тумули, вотивни садови, ритуални јами и сад за вода, што уште тогаш упатувало дека на ова место се извршувале верски обреди.
Покрај уникатниот питос, археолозите откриле и ѕидови од градба во која имало бројни фрагменти од питоси и други стоваришни садови.

Јужно од овој простор бил пронајден и ограден ѕид кој го одделувал просторот за обреди од остатокот на населбата.
Непосредно до него била откриена и помала просторија која, според археолозите, најверојатно служела за симпозиуми или ритуални јадења.

Во неа се пронајдени големи количества животински коски, претежно од диви свињи и кози, како и богата трпезна керамика од 4 и 3 век пред нашата ера.
Меѓу наодите има и голем број увезени керамички предмети – west slope кантароси и гутуси, црнофирнизирани садови, амфори, хидрии, лампи и керамички фигурини.

Особено значајни се остатоците од луксузно украсен кревет, односно профилирана ногарка и аплика со претстава на божество кое држи ритуален сад и лежи на клине.
„Веруваме дека и оваа просторија е поврзана со ритуалите кои се вршени во теменосот – можеби за ритуални јадења, слично на светилиштето на Деметра и Персефона на Коринт“, наведува Ѓорѓиевски.
Според него, големиот број увезена керамика и остатоците од луксузниот мебел, за кои постојат мал број паралели надвор од богатите гробници во Пела и кралските гробови во Ајга (Вергина), повторно го потврдуваат високиот степен на развој на оваа населба, нејзината развиена трговија и целосната вклученост во цивилизациските текови на Македонското Кралство во 4 и 3 век пред нашата ера.

„Следните истражувања ќе бидат фокусирани на доистражување на градбите кои ги откривме оваа година и евентуалното постоење на храм во овој дел на локалитетот“, додава археологот.
Ископувањата се реализирани во рамки на Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
Никола Ивановски

