МКК Куманово загуби од Маџари

Сподели со своите пријатели

Маџари ја искористи предноста на домашен терен и со сигурна игра во поголемиот дел од натпреварот славеше над МКК Куманово со 94:78, во последниот меч од 13. коло на кошакарската Супер лига.

Дуелот понуди квалитетна кошарка, особено во првото полувреме, кога двете екипи одиграа отворено и со висок ритам.

Домашниот состав подобро го отвори натпреварот и по првата четвртина стекна двоцифрена предност (29:19).

Кумановци успеаја во неколку наврати да се доближат, но Маџари преку расположените Грин и Армстронг постојано наоѓаше одговор.

По тројката на Грин, негов 17. поен на мечот, домаќините на одмор заминаа со убедливо водство од 51:42.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мирковски: Ја знаеме тежината на градското дерби, ние ќе го дадеме максимумот (ВИДЕО)

Во продолжението МКК Куманово се обиде да се врати во натпреварот, предводен од Луковиќ, кој уште во третата четвртина стигна до дабл-дабл учинок. Сепак, предноста и понатаму беше на страната на Маџари, кој по три одиграни периоди водеше со 73:63.

Во последната четвртина домаќините повторно се одлепија на 79:64, а иако гостите со серија од 8:0 накратко ја намалија разликата, тајм-аутот на тренерот Тодоровиќ донесе стабилизација во играта на Маџари. Домашниот тим брзо ја врати двоцифрената предност и рутински го приведе мечот кон крај за конечни 94:78.

Армстронг беше најефикасен кај победниците со 27 поени, четири скока и четири асистенции, додека Грин додаде 23 поени, осум асистенции и четири скока. Хот мечот го заврши со 14 поени и седум скока.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово со пораз од ГРК Охрид

Кај МКК Куманово се истакна Луковиќ со 25 поени и 19 скока (индекс 44), Стевановиќ постигна 18 поени, а Радукиќ додаде 10.

Со оваа победа Маџари стигна до седмиот триумф во сезоната и се изедначи со скорот на МКК Куманово (7-6), што дополнително ја заострува борбата во средината на табелата по 13 одиграни кола.

Никола Ивановски