Германската министерка за одбрана Кристина Ламбрехт рече дека е премногу рано да се каже дали значителниот територијален напредок на Украина во последните денови претставува пресвртница во војната во таа земја.
„Тоа е тешко да се процени, бидејќи не знаеме како Русите ќе реагираат сега, но дефинитивно е извонреден успех што ќе придонесе за дестабилизација на Русија“, изјави Ламбрехт за Ројтерс.
Ламбрехт додаде дека напредувањето на Украина докажува дека силите на земјата се тактички многу добро позиционирани и се способни да одбиваат напади на начин на кој многумина мислеа дека не се способни.
Таа вети дополнителна поддршка за да им помогне на украинските сили да се борат во текот на зимските месеци, покрај генераторите, зимската облека и шаторите што претходно ги вети на меѓународниот состанок во воздухопловната база Рамштајн минатата недела.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина со снабдување со оружје и ќе останеме на страната на Украина се додека е потребно“, рече Ламбрехт, пренесе Танјуг.
Украина со месеци го притиска Берлин да го снабди Киев со тешко оружје, како и да започне со испорака на модерни тенкови од западно производство, барање што германскиот канцелар Олаф Шолц постојано го одбиваше, наведува Ројтерс.
Руските сили, додава британската агенција, претрпеа неверојатен пресврт овој месец откако украинските трупи започнаа брз оклопен напад со специјалните сили во североисточниот регион Харков, во некои случаи принудувајќи ги Русите на избрзано и хаотично повлекување.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата армија ослободила околу 8.000 квадратни километри територија овој месец, област приближно еднаква на островот Кипар, објави Ројтерс, додавајќи дека тој не можел веднаш да ги потврди тврдењата на Украина за целосниот обем на успехот на бојното поле.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.