Кина воведува санкции врз раководството на претседателската библиотека Роналд Реган и други организации со седиште во САД и Азија, како одговор на средбата меѓу претседателот на Претставничкиот дом на САД и претседателот на Тајван.
Кевин Мекарти и Цаи Инг-вен се сретнаа во средата во библиотеката Роналд Реган во долината Сима во јужна Калифорнија, а на средбата присуствуваа членови на двете партии на американскиот Конгрес.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска објави дека воведе санкции за Институтот Хадсон и библиотеката Реган, „за обезбедување платформа за сепаратистичките активности на Тајван“.
Наведени се имињата на четири лица од тие организации на раководни позиции.
Санкциите во суштина се состојат од забрана за патување за поединците кои ги водат овие организации.
Исто така, им е забрането да работат во кинески организации.
Од граѓанската војна во Кина во 1949 година, Тајван е самоуправен остров со демократска администрација, а комунистичка Кина го смета за своја територија и смета дека секоја интеракција меѓу тајванските и американските претставници е предизвик за нејзиниот суверенитет.
Средбата Цај-МекКарти се одржа во време кога односите меѓу САД и Кина се на најниско ниво, а тензиите меѓу Тајван и Кина се зголемени.
Кина смета дека сите официјални контакти меѓу странските влади и Тајван се напори за подигање на статусот на Тајван во светот, а со тоа и повреда на суверенитетот на Пекинг над островот.
Пекинг вети дека ќе преземе контрамерки против Тајпеј поради неговите интеракции со САД, велејќи дека ќе го казни за дејствијата на сепаратистичките сили на островот и ќе го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина.
Санкции беа наметнати и на Азиската фондација „Проспект“ и на Советот на азиските либерали и демократи за промовирање на независноста на Тајван под превезот на академска размена и истражување, рече портпаролката на кинеската канцеларија за работи на Тајван, Жу Фенглијан.
Кинеската канцеларија за прашања на Тајван, исто така, објави дека воведува дополнителни санкции за Хсијао Би-Ким, претставник на Тајван во САД.
Се чини дека санкциите не се многу различни од оние што ѝ беа наметнати минатиот август, кога тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван.
Потоа Кина објави санкции против голем број поединци од тајванската Демократска напредна партија и владејачката администрација, вклучително и Хсијао.
Во тоа време, на поединци, членови на семејствата и поврзани организации им беше забрането да патуваат и работат во Кина, вклучително и Хонг Конг.
Во денешното соопштение се вели дека санкциите ги вклучуваат и финансиските спонзори на Хсијао.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.