Ненад Зивчевиќ во новата сезона повторно ќе го носи дресот на Куманово, откако претходната се покажа како еден од поквалитетните кошаркари во ростерот. Повторно за сино-белите ќе заигра и Марјан Јанески.
Некогашниот вицешампион на Македонија, Кошаркарскиот клуб Куманово веќе започна да го подготвува составот за претстојната сезона. Откако вчера договор потпиша кинескиот интернационалец Какаи Сун, денеска тоа го стори и Зивчевиќ.
За триесет и шестгодишниот Зивчевиќ ова ќе биде трета година во составот на Куманово, со кратка пауза во 2021 година кога неколку месеци играше во Мароко.
Во својата богата кариера има играно за Будуќност, Работнички, МЗТ Скопје Аеродром, Струмица и Лирија. Во текот на измината сезона токму во дресот на Куманово, крилниот играч имаше по 18 поени по натпревар.
Во новата сезона се враќа и Марјан Јанески, кој долги години претходно го носеше дресот на КК Куманово, а во 2020 година се пресели во Гостивар.
Меѓу другото, триесет и четиригодишниот репрезентативец има настапувано и за Работнички, МЗТ, Торус…
Никола Ивановски