Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, по повод третата годишнина од почетокот на војната во таа земја, му порача на украинскиот народ дека е горд на херојството што го покажаа за време на конфликтот.
„Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутен херојство на Украинците. Горд сум на Украина!“, рече тој.
Зеленски, во објава на мрежата Х, им се заблагодари на „сите што ја бранат и поддржуваат“ Украина, додавајќи дека Украина се сеќава на оние кои ги загубија животите бранејќи ја земјата.
Претходно утринава претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пристигнаа во Киев.
„На третата годишнина од бруталната инвазија на Русија, Европа е во Киев. Денеска сме во Киев, бидејќи Украина е Европа. Во оваа борба за опстанок, не е во прашање само судбината на Украина. Ова е судбината на Европа“, рече Фон дер Лајен во објава на мрежата X.
Денеска се одбележува третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а наскоро се очекува да продолжат руско-американските преговори за ставање крај на војната, во која Украина и ЕУ не се вклучени.
Во Киев денеска се одржува самит посветен на одбележувањето на третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а на самитот ќе учествуваат вкупно 37 државни лидери, што претседателот Зеленски го нарече „пресвртница“, од кои 13 ќе присуствуваат лично, а 24 преку видео врска, соопшти УНИАН.