Образовните работници во Србија денеска најавија прекин на работата за да им изразат поддршка на студентите кои од ноември протестираат и блокираат факултети во знак на протест против настрешницата што се урна на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица.
И Адвокатската комора на Србија денеска започна седумдневен прекин на работа.
Низ Србија денеска нема настава во училиштата, а N1 Србија известува дека 90 отсто од белградските училишта се приклучиле на прекинот, како и училиштата во Нови Сад, Вишњичка Бања, Ниш…
Во моментов не е јасно колку средни и основни училишта почнаа со суспензија или делумна суспензија со намалени часови, бидејќи податоците од синдикатите и државните функционери се различни.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ оцени дека околу 82 отсто од училиштата денеска ќе работат „со полн капацитет“, 11 отсто делумно, а околу седум отсто нема да работат воопшто.
Вучевиќ рече дека „просветната инспекција ќе си ја заврши работата“ и дека „училиштата не се место за политика“.
Студентите во неделата одржаа масовни протести со пораки „Училишен час до последен час“, „Час за емпатија“ и „Нема образование без чист образ“ во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш и уште неколку градови низ Србија.
Тие дополнително укажуваат на потребата од борба за уредно општество и ефективна работа на институциите против корупцијата.
Студентите повикуваат на генерален штрајк, кој е поддржан од многу синдикати.
За денеска во 11 часот е најавен заеднички протест на студенти и просветни работници пред Филозофскиот факултет во Белград.
Претседателот на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија, Душан Кокот, за Н1 изјави дека полицијата не дозволува наставниците да стигнат до Белград на протестот, запирајќи автомобили и автобуси на патот, а некои од нив ги испраќа на вонреден технички преглед.
Кокот исто така тврди дека веќе платениот превоз е откажан, а превозниците биле повикани на информативни разговори.
Трет месец по ред во Србија се одржуваат масовни протести на кои студентите бараат објавување на целата документација поврзана со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, која засега е недостапна за јавноста, обвинителството на одговорните за напади врз студенти и професори за време на мирни собири, вклучително и нивно идентификување и кривично гонење на сторителите и зголемување на буџетските средства за високото образование за 20%, со цел подобрување на условите на универзитетите.
И покрај ветувањата од Владата за делумно исполнување на нивните барања, како зголемување на буџетот за 4% и објавување на дел од документацијата, студентите продолжуваат да протестираат сметајќи дека овие мерки се недоволни.