Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, се сретна со жителите од околните села кои со години се соочуваат со проблемите што ги предизвикува депонијата Краста, а денеска на терен ја презентираше и актуелната состојба со санирањето на опожарените делови.
Димитриевски предупреди дека продолжувањето на блокадата може да предизвика сериозни проблеми во градот поради нередовното собирање на сметот и можноста за појава на ризици по јавното здравје.
– Бидејќи сметаме како штаб дека градот се наоѓа пред една многу тешка состојба и може да се соочи со дополнителни проблеми поради нередовното собирање на смет и да се јави потенцијално ширење на одредени болести коишто можат да го загрозат јавното здравје, рече Димитриевски.
Градоначалникот вели дека ги разбира барањата на жителите од околните села, кои бараат целосно затворање и дислокација на депонијата, но нагласи дека во моментов Општината нема друга локација на која законски може да се одлага комуналниот отпад.
Според него, депонијата Краста се користи од 1951 година, кога било формирано јавното претпријатие, а собирањето, транспортот и одлагањето на сметот од градот се во надлежност на ЈП „Чистота и зеленило“.
– Јас со месното население буквално се гледам секој ден. Јас сум човек којшто е избран од тие граѓани и јас живеам со нивните проблеми како што и тие живеат со проблемите на градот. Значи барањата коишто месното население ги испорачува во добар дел значи веќе се реализирани, во добар дел ќе се работи како со долгорочни мерки за реализација на истите, но постојат и барања коишто во моментот неможат да бидат реализирани, а тоа е едно од основните барања да се целосно затвори оваа депонија за употреба, вели градоначалникот.
Димитриевски посочи дека поради блокадата биле направени обиди за обезбедување алтернативни места за одлагање на отпадот во соседните општини, но не бил добиен позитивен одговор.
Дополнително, капацитетите на соседните општини се ограничени, а дел од депониите биле затворени за одлагање на кумановскиот отпад додека трае блокадата.
Како долгорочно решение за проблемот со Краста, Димитриевски ја посочи санацијата и затворањето на постојната депонија, изградбата на претоварна станица на нејзината локација и реализацијата на проектот за изградба на фабрика за преработка на отпад, која треба да опслужува два региона и вкупно 15 општини.
Тој рече дека Куманово е дел од регионалниот проект уште од 2015 година, но дека неговата реализација се одолжува со години.
Според информациите со кои располага, постапката за избор на фирма што треба да ги изведува градежните работи за фабриката и претоварните станици е во напредна фаза, а документацијата е доставена до канцеларијата на Европската Унија.
Димитриевски нагласи дека за динамиката на реализација треба да се произнесат надлежните во Министерството за животна средина, бидејќи тоа ја менаџира постапката.
Тој предупреди дека доколку во следниот период не се најде решение и не се деблокира реализацијата на проектот, ќе побара од Советот повторно да ја разгледа одлуката за учество на Општина Куманово.
„Најавувам во следниот период доколку не се изнајде решение и деблокада на тој проект ќе излезам пред советот, да ја преразгледаме одлуката за учество на тој проект и веројатно и ќе излеземе од тој проект бидејќи јас сум човек којшто повеќе сака да делува отколку да лекува, изјави тој.
Како што изјави Димитриевски, пред повеќе од седум дена добил реакции од жителите на селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце, кои се пожалиле на континуирано чадење и опожарување на депонијата.
По нивните реакции, тој побарал итна интервенција од Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, но, како што рече, од претпријатието добил информација дека нема доволно техничка опрема за справување со пожарот.
– Веднаш изреагирав до директорот на јавно претпријатие и побарав итно да се санира состојбата. Добив по два дена информација дека не поседуваат доволно техничка опрема за да се справат со состојбата со опожарување коешто опожарување се јавува секоја година во континуитет, изјави тој.
Поради состојбата, бил свикан Општинскиот штаб за заштита и спасување, по што биле обезбедени дополнителна тешка механизација, булдожери и транспортни камиони од општествено одговорни компании.
Со нивна помош, теренот бил третиран со земја, а пожарот најпрво ставен под контрола, по што продолжиле активностите за негово неутрализирање.
Градоначалникот објасни дека на депонијата и понатаму може да се појавуваат нови огништа поради големите количества отпад складирани под земја, каде што се создаваат гасови и метан.
– Факт е дека се работи за депонија коешто во многу случаеви знае да отвори нови џебови и огништа со коишто не можете да се справите преку ноќ, но во моментов и самите можете да видите каква е состојбата овде, а оваа депонија најодговорно тврдам дека никогаш не била во подобра состојба во последните осум години како сум менаџер на општината, изјави Димитриевски.
Тој нагласи дека Општината ќе продолжи да работи на санирање на депонијата и дека, и покрај досегашните интервенции, потребно е постојано присуство на механизација за да се спречи повторно активирање на пожарите.
На крајот, градоначалникот истакна дека справувањето со пожарите на депониите бара значителни финансиски средства, техничка опрема и човечки ресурси, со кои општините не секогаш располагаат во доволен обем.
Во меѓувреме, Општинскиот штаб за заштита и спасување треба да продолжи да ја следи состојбата на Краста и да ги координира активностите на надлежните институции, додека со спроведувањето на донесените заклучоци се очекува да се подобрат контролата и надзорот над депонијата и да се овозможи непречено собирање и одлагање на комуналниот отпад од Куманово.
На денешниот состанок во просториите на Општина Куманово, на кој присуствуваа претставници на повеќе институции и јавни претпријатија, беше разгледана актуелната состојба на депонијата и последиците од блокадата врз собирањето и одлагањето на комуналниот отпад.
По разгледувањето на состојбата, беа донесени десет заклучоци:
– Сите институции во рамки на сопствените надлежности а во взаемна координација да ги преземат сите законски мерки за деблокирањето на депонијата Краста заради непречено одлагање на сметот од градот;
– МВР – СВР Куманово да се отповика на барањето на ЈП „Чистота и зеленило“ за координираност и отворање на коридор на депонијата Краста за депонирање на отпад;
– Центар за јавно здравје – Куманово да изготви информација за актуелната состојба и насоки за превентивно делување на Штабот во делот на спречување на евентуалните последици што би можеле да настанат од нередовното собирање и депонирање на сметот на територија на Општина Куманово;
– Веднаш со континуирано и константно присуство со градежна механизација да се врши третирање на депонираниот смет заедно со земја од страна на ЈП „Чистота и зеленило“;
– На дневна основа да се врши дотур на градежен материјал (земја и несогорлив шут при ископ од страна на општествено-одговорни компании) и истиот да се разастира над површината на дневно донесениот смет од ЈП „Чистота и зеленило“;
– Дополнително да се постави одрерден број на камери за видео-мониторинг на депонијата кои ќе покриваат влез, излез и пристап на депонија Краста, бидејќи веќе поставените се во недоволен број;
– Да се постават термовизиони камери преку кои ќе се врши дополнителен мониторинг на депонијата;
– Дополнително да се зајакнат стражарски служби и физичко обезбедување на депонијата, за да се спречи влез на неовластени лица;
– Да се санираат делови од уништена заштитна ограда околу депонијата, и на делови каде што нема ограда, да се постави нова;
– Се задолжува Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, во соработка со месното население, да формира мониторинг група (еко патрола) во состав од претставници на месните заедници и невладини организации во с.Пчиња, с.Студена Бара, с.Вак’в и с. Винце, која во соработка со претставници на јавното претпријатие, ќе врши неделен мониторинг на состојбата на депонија Краста.
Никола Ивановски

