По вчерашното запирање на работа на четвртиот мобилен оператор Албафон, и веста дека ОНЕ и ВИП ќе се присоеднат во една компанија, од денес на ред за спојување дојдоа и Македонски Телеком и Т – Мобиле.
Новата компанија ќе почне да функционира од 1-ви јули. Акционерите сметаат дека со ваквиот потег новата компанија ќе обезбеди подобра позиција на пазарот, подобри резултати од работењето, поефикасно ќе се справува со конкуренцијата и ќе има поголема можност за нови инвестиции.
На чело на компанијата ќе биде Андреас Маиерхофер, актуелниот Главен извршен директор на Македонски Телеком. Жарко Луковски, кој досега беше на чело на Т-Мобиле Македонија ќе ја преземе позицијата Главен оперативен директор.
„Ова ќе ни овозможи целосно да се посветиме на корисниците, од една страна преку нудење на иновативни конвергирани услуги преку најновите технологии, а од друга страна преку подобрување на корисничкото искуство. Во исто време, бевме и ќе останеме најголем инвеститор и гарант на силниот развој на телекомуникациската индустрија“- изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.