СВР Куманово ги информираше граѓаните за новите правила за електричните тротинети (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Отсекот за превенција при СВР Куманово, во соработка со Општинскиот совет за превенција при Општина Куманово, денеска на подрачјето на градот спроведе превентивна активност посветена на новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на електричните тротинети.

Во рамки на акцијата, граѓаните беа информирани за новите законски правила што важат за управување со овој вид превозни средства, а на возачите им беа поделени и превентивни флаери со информации за измените.

 

 

Со измените на Законот, електричните тротинети отсега се дефинирани како „лесни електрични возила“. Според новите правила, со тротинет може да управува само лице кое наполнило 18 години, а максималната дозволена брзина на движење е 20 километри на час.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Бомба фрлена во уште еден двор во Куманово

 

 

Законот предвидува дека возачите на велосипеди, лесни електрични возила, велосипеди со помошен мотор и мопеди се должни при преминување преку пешачки премин да го туркаат возилото.

 

 

Исто така, забрането е со лесно електрично возило да се превезуваат други лица или домашни миленици.

Возачите имаат обврска задолжително да носат заштитен шлем, а во ноќни услови, од самрак до разденување, и рефлектирачки елек.

 

 

Управување со лесно електрично возило под дејство на алкохол не е дозволено, а покрај предвидените парични казни, за одредени прекршоци е можно и одземање на возилото до 30 дена.

 

 

Истите санкции се однесуваат и на родители или старатели доколку прекршокот го сторило дете.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска неколку локации во Куманово

„Од СВР Куманово – Отсек за превенција, ќе се продолжи и понатаму со вакви превентивни активности, за информирање на деца, младинци и родители за новите измени за управување со лесно електрично возило – тротинет. Воедно се упатува апел до родителите, децата и малолетниците за почитување на законските ограничувања, а со цел сите заеднички да спречиме и намалиме сообраќајни незгоди со тешки повреди кои можат да бидат и животозагрозувачки“, истакна началничката на Отсекот за превенција при СВР Куманово, м-р Лиле Младеновска.

 

Никола Ивановски