Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) ќе разговараат за намалување на дел од нејзиниот буџет за 400 милиони долари, откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги повлече САД, најголемиот донатор на СЗО, од агенцијата, покажува документот објавен денеска.
Отворајќи го годишниот состанок на извршниот одбор на агенцијата, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, ја бранеше работата на агенцијата и неодамнешните реформи и го повтори својот повик до САД да го преиспитаат своето излегување и да стапат во дијалог со СЗО за понатамошни промени.
Сега бараат предлози како да „послужат подобро“
„Би ги поздравиле предлозите од САД и од сите земји-членки за тоа како можеме подобро да ви служиме вам и на луѓето во светот“, рече тој.
За кратењето на буџетот ќе се разговара на состанокот во Женева од 3 до 11 февруари, а претставниците на земјите-членки ќе разговараат и за финансирањето и работењето на агенцијата за периодот од 2026 до 2027 година.
Извршниот одбор предлага да се намали делот од буџетот за основните програми од предложените 5,3 милијарди долари на 4,9 милијарди долари, според документот објавен во понеделникот.
Тоа е дел од поширок буџет од 7,5 милијарди долари за 2026-2027 година. што беше првично предложено, што вклучува пари за искоренување на полио и управување со кризи.
Со заминувањето на најголемиот финансиер, буџетот не можеше да се донесе „како и обично“, се наведува во документот.
САД се најголемиот донатор на СЗО меѓу земјите, со околу 18 отсто од вкупното финансирање.
СЗО веќе презеде одделни чекори за намалување на трошоците по потегот на САД.
Сепак, некои претставници на одборот сакаа да испратат порака дека СЗО ќе ја задржи својата стратешка насока и покрај предизвиците, се додава во документот.
Тие 4,9 милијарди долари се приближно исто како и основниот програмски буџет за претходниот период од 2024 до 2025 година.
Трамп одлучи да ги повлече САД од СЗО на неговиот прв ден на функцијата пред две недели. Процесот ќе трае една година, според американските закони.