Лидерот на Хамас во Појасот Газа, Калил ал Хаја, изјави денеска дека плановите на САД и американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа се „осудени на неуспех“.
„Ќе ги уништиме како што ги урнавме сите нивни претходни проекти“, рече Ал-Хаџа за време на церемонијата по повод 46-годишнината од иранската револуција во Техеран, пренесе Ројтерс.
Трамп во неделата потврди дека е посветен на планот за купување на Газа, но дека може да дозволи делови од воено разурнатиот регион да бидат обновени од други земји од Блискиот Исток.
Според него, САД ќе го преземат Појасот Газа од Израел и ќе го претворат во „ривиера на Блискиот Исток“ откако ќе ги преселат Палестинците во други арапски држави.
Во оваа прилика вчера се огласи претседателката на комисијата на Обединетите нации што ја истражува окупираната палестинска енклава, Нави Пилај, која рече дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги премести Палестинците од Појасот Газа и да добие сопственост на таа палестинска територија го прекршува меѓународното право и би претставувало „етничко чистење“.
„Трамп е крајно неук за меѓународното право и законот за окупација. Присилното раселување на окупирана група е меѓународно злосторство и претставува етничко чистење. Нема начин според законот Трамп да ја изврши заканата за раселување на Палестинците од нивната земја“, рече Пилај.