Русија би можела да преземе контрола над речиси една третина од светскиот извоз на пченица доколку победи во конфликтот со Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурн.
Сежурн, кој се залага за поголема финансиска помош за Киев, рече дека во таква ситуација Франција ќе биде погодена од тешка прехранбена криза и уште поголема инфлација.
„Доколку Украина загуби, 30 отсто од светскиот извоз ќе падне под контрола на Русија, што ќе ја доведе француската пченица во опасност на меѓународниот пазар“, рече францускиот министер.
Тој додаде дека финансиската помош е многу важна за претседателот на Украина, Володимир Зеленски, бидејќи „мора да му покаже на својот народ дека се уште има поддршка“.
Договорот за жито беше раскинат на 18 јули минатата година, откако Руската Федерација ги извести Турција, Украина и Обединетите нации за нејзиниот приговор за неговото продолжување. Руските власти постојано нагласуваат дека се почитува само делот од Црноморскиот договор за жито што се однесува на Украина.
После тоа, украинските производители мораа да извезуваат жито преку териториите на соседните земји.
Уште во 2022 година, Европската унија ги суспендираше царинските давачки за украинскиот извоз во обид финансиски да го поддржи Киев.
Земјоделците тврдат дека мерките за олеснување на пристапот на Украина до пазарот на ЕУ доведоа до нелојална конкуренција и намалени цени на земјоделските производи во блокот.
Мерките предизвикаа големи протести на европските земјоделски производители, а полските земјоделци минатата година во неколку наврати ги блокираа граничните премини со Украина.
Кризата го принуди Брисел да воведе забрана за увоз на украинско жито во мај минатата година, која еднострано ја укина во септември. Полска, Унгарија, Словачка и Романија веднаш повторно воведоа рестрикции на национално ниво, што ја натера Украина да поднесе жалба до Светската трговска организација, која подоцна беше суспендирана.
Во септември минатата година протестираа и земјоделците во Бугарија, откако таа земја одби повторно да воведе рестрикции за увоз на украинско жито, пренесува RT Balkan.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.