Американските правосудни власти во четвртокот објавија обвиненија против пет агенти на руските воени служби за нивната наводна вмешаност во сајбер напад, чија цел биле владини веб-страници во Украина, како подготовка за инвазија на таа земја во 2022 година, пренесува АФП.
Обвинението е насочено против пет агенти на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, како и против рускиот цивил претставен како 22-годишен хакер, Амин Тимович Стигал, кој веќе беше обвинет во јуни, пренесува Агерпрес.
Овие шест лица „се одговорни за серија деструктивни сајбер напади познати како Виспергејт“, изјави заменик-јавниот обвинител Метју Олсен од Одделот за национална безбедност на американското Министерство за правда за време на прес-конференција во Балтимор, пренесува Антена Обсервер.
За што се обвинети петте агенти?
Овој масовен напад конкретно беше насочен кон „цивилна инфраструктура и украински информациски системи кои немаат никаква врска со воената или националната одбрана“, додаде тој.
Обвинетите „не ги ограничија своите активности само на Украина“, посочи Олсен.
„Потоа тие таргетираа информациски системи во други земји кои ја поддржуваат Украина во нејзината борба за опстанок“, вкупно „26 партнери на НАТО, вклучително и САД“, прецизира американскиот функционер.
Американскиот Стејт департмент нуди награда до 10 милиони долари за информација која ќе доведе до апсење на некој од обвинетите.
Обвиненијата дојдоа еден ден откако американските власти објавија серија мерки, вклучително и кривично гонење и санкции, како одговор на обидот за мешање во американските избори кои и се припишуваат на Русија.