Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот кинески колега Ванг Ји вчера телефонски разговарале за односите меѓу двете земји и војната во Украина, соопштија одвоено двете министерства.
„Државниот секретар разговараше за потребата од отворање линии на комуникација и одговорно управување со односите меѓу САД и Кина“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Кинеското Министерство за надворешни работи по повод разговорите соопшти дека „враќањето на кинеско-американските односи на стабилен развојен пат не е само во интерес на двете страни, туку и она што го очекува меѓународната заедница“.
„Двајцата официјални лица разговараа и за војната во Украина и „заканите што Русија ги претставува за глобалната безбедност и економската стабилност“, се вели во соопштението на Прајс.
Ванг Ји од своја страна ги повика „сите страни да покажат воздржаност“.
Според кинеското соопштение, министерот повикал на „интензивирање на дипломатските напори за да се спречи натамошно влошување на ситуацијата во Украина“.
Кина, која е официјално неутрална во украинскиот конфликт, Западот често ја гледа како премногу помирлива кон Москва.
Разговорот меѓу кинескиот и американскиот шеф на дипломатијата се случил неколку дена по разговорот на Ванг Ји со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
„Кина е подготвена да ја продлабочи размената со Русија на сите нивоа“, му рече Ванг тогаш на Лавров.
Агенцијата Франс прес ги наведува Тајван, Кинеското Море, човековите права во Ксинџијанг, северозападна Кина, технолошкото ривалство и трговската војна како спорни во односите меѓу САД и Кина.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.