Наградата за високи достигнувања во театарската уметност, од областа на комедијата „Васил Иљоски“, вчеравечер му беше врачена на актерот Игор Џамбазов на отворањето на 29. издание на Меѓународниот театарски фествивал „Денови на комедија“.
Како што истакна Џамбазов во своето обраќање, паричниот фонд од наградата ќе го донира за лекувањето на Јована Станковска од Куманово, која боледува од церебрална парализа.

Во изјавата истакна дека е неизмерна чест да ја добие наградата што го носи името на човекот што лично го познавал.
– Дедо Васил и дедо ми Петре беа другари и починаа во само две недели разлика и некако ги загубив и двајцата тоа е првата работа што ми е битна, втората работа што како многу мал глумец од 5-6 години имам играно во групата деца во „Чорбаџи Теодос“, а веќе како дипломиран глумец го играв и Бошко во „Бегалка“ во Драмскиот театар во режија на Димитрија Рули Османли, истакна Џамбазов.
Вели дека за Куманово го врзуваат убави спомени, од претставите што ги играл, до пријателствата со истакнати актери од кумановската сцена.
– Тука играв во „Црна“ од Богомил Ѓузел во режија на Љубиша Георгиевски, го играв Капетан Тоза и добив награда „Војдан Чернодрински“ на фестивалот во Прилеп. Потоа со мојата бивша сопруга Искра игравме една дуо драма, неколку пати по текст на Томислав Османли, така ме врзуваат пријателствата со Живко Пешевски, со Драгиша Димитриевски Шипе, со чичко Илија Струменниковски, со Митко Апостоловски, со Љубица Гојковиќ, ме врзува Куманово на повеќе начини, а особено во последните дваесетина години ме врзува заради Тони Михајловски и Сашко Коцев, веројатно најдобрите кумановски глумци на на сите времиња, изјави Џамбазов.

Во својата кариера, Џамбазов има играно над сто театарски улоги со над две и пол илјади изведби.






Никола Ивановски

