Тројца возачи биле приведени во текот на ноќта во Куманово откако полицијата констатирала дека имале поголемо количество алкохол во крвта.
Во првиот случај бил приведен 27-годишник од Скопје кај кого биле измерени 3,35 промили алкохол.
– На 07.11.2026 во 01:42 часот на булевар „Трета македонска ударна бригада” во Куманово полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода К.К.(27) од Скопје, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Како што појаснуваат од полицијата, при контрола на сообраќајот било запрено патничко моторно возило “сеат” со скопски регистарски ознаки при што било утврдено дека возилото го управува под дејство на алкохол односно му биле измерени 3,35 промили алкохол.
Во вториот случај, 52-годишен кумановец возел со 2,17 промили, по што полицијата го привела.
– На 06.11.2026 во 22:55 часот на улицата „Тоде Думба” во Куманово полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода И.А.(52) од Куманово, велат од полицијата.
При контрола на патниот сообраќај било запрено патничко моторно возило “форд” со кумановски регистарски ознаки при што било утврдено дека возилото го управува под дејство на алкохол односно му биле измерени 2,17 промили алкохол.
Во третиот случај приведен бил 33-годишник, кој учествувал и во сообраќајна незгода.
– На 06.11.2026 во 21:52 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Н.Ѓ.(33) од Куманово, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Како што додаваат од кумановската полиција, по претходна сообраќајна незгода на крстосница од улиците „Моша Пијаде” и „Пиринска Македонија” во Куманово во која учествувал Н.Ѓ. со патничко моторно возило „пежо” било утврдено дека возилото го управувал под дејство на алкохол односно му биле измерени 1,55 промили алкохол.
По целосно документирање на случаите, полицијата најавува соодветни пријави.
Никола Ивановски

