Православните верници денес го слават името на света Злата Мегленска

Сподели со своите пријатели

Православните верници според календарот на МПЦ, денес го слават името на Светата великомаченичка Злата Мегленска, светителка – маченичка од времето на турското владеење во Македонија. За нејзиниот живот и маченичка смрт се дознава од нејзиното житие, кое е напишано во 1799 година, на грчки јазик, од очевидецот на нејзиното мачеништво, Никодим Светогорец.

Loading...

Нејзината ретка убавина го привлекла вниманието на Турчин од нејзиното место кој страсно ја посакал и еден ден, кога таа излегла со своите другарки во шумата, Турчинот потплатил некои арамии да ја грабнат и да ја одведат во неговиот дом. Таму отпрвин се обидувал да ја натера да се потурчи, ветувајќи ѝ дека ќе ја земе за жена. Но, света Злата останала непоколеблива и на ваквите ветувања му рекла:

Јас верувам во Христа и нему му се поклонувам и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам дури и ако ме ставите на илјада маки или ако ме исечете на ситни парчиња.

Тогаш Турчинот ја ставил да живее заедно со останатите негови жени, надевајќи се дека тие ќе ја наговорат да се потурчи. Уште какви ли не ветувања ѝ кажувале овие жени, но света Злата не попуштила. По шест месеци Турчинот сфатил дека ни тоа не му помага, па затоа ги повикал нејзините роднини и им се заканил дека ќе ја убие ако не ја натераат да се потурчи. Тогаш нејзините родители и сестри почнале да ја проколнуваат да се потурчи. Притоа ѝ зборувале дека Бог ќе ѝ го прости тој грев штом е направен под принуда.

Кога Турчинот видел дека ни тоа не помага наредил да ја затворат. Три месеци света Злата била затворена при што секојдневно била сурово тепана и мачена. Но сите маки оваа светителка херојски ги издржала охрабрена од својот чувар Исус Христос. На крајот била обесена, а телото ѝ било исечено на парчиња. Така таа ја предала својата бесмртна душа на Исус Христос. Подоцна деловите од нејзиното тело христијаните кришум ги погребале. Света Злата маченички настрадала во 1795година.

Житието на света Злата Мегленска, според други, било запишано според кажувањата на духовникот Тимотеј, кој бил духовен отец на нивното семејство и кој бил сведок на нејзините страдања.

Во годината кога света Злата Мегленска била грабната, воМакедонија крстосувале арамиски банди кои нанесувале големи штети на населението, па се претпоставува дека и со неа било исто. Во еден ферман од султанот на Селим Трети стои: „Поредокот во земјата е нарушен, а царските закони никој не ги почитува.”