Папата Франциск во телевизиско интервју побара од властите во Пјонгјанг да го поканат да ја посети Северна Кореја, додавајќи дека нема да ја пропушти можноста да ја посети таа земја и да работи за мир.
Потенцијалната папска посета на изолираната земја со нуклеарно оружје беше најавена во 2018 година кога поранешниот јужнокорејски претседател Мун Џе-ин започна дипломатија со лидерот на Пјонгјанг, Ким Џонг-ун.
Мун, кој е католик, на самитот рече дека Ким му рекол дека папата ќе биде „ентузијастички“ пречекан.
Папата Франциск тогаш одговори дека би бил подготвен да ја посети таа земја доколку добие официјална покана.
Но, Пјонгјанг во голема мера го прекина контактот со Сеул откако вториот самит меѓу Ким и тогашниот американски претседател Доналд Трамп во 2019 година не успеа.
„Кога ќе ми се јават, нема да кажам не“
„Кога ќе ми се јават – т.е. ве молам јавете ми се – нема да кажам не“, изјави папата Фрањо за јужнокорејската државна телевизија КБС во интервју што беше емитувано денеска.
„Целта е едноставно братство“, додаде тој.
Врските меѓу Северна и Јужна Кореја се на најниско ниво откако Сеул во мај го инаугурираше новиот претседател Јун Сук-Јол.
Јун ѝ понуди помош на Северна Кореја во замена за денуклеаризација, но режимот на Ким се потсмеа на планот.
Северна Кореја ја обвини Јужна Кореја за избувнувањето на Ковид-19 во мај, а претходно во август се закани дека ќе ги „збрише“ властите во Сеул како одмазда.
Северна Кореја изврши рекорден број тестови на оружје оваа година, вклучително и истрелување интерконтинентална балистичка ракета со целосен дострел за прв пат од 2017 година.
„Работете за мир“
Папата постојано ги повика Корејците на полуостровот да „работат за мир“.
„Вие, корејскиот народ, страдавте поради војната“, рече тој.
Верската слобода е запишана во уставот на Северна Кореја, но сите верски активности се забранети надвор од институциите одобрени од државата.
На почетокот на 20 век, пред поделбата на полуостровот, Пјонгјанг бил регионален мисионерски центар со многу цркви и растечка христијанска заедница, па затоа бил наречен „Ерусалим на истокот“.
Но, Ким Ил Сунг, основачот на Северна Кореја и дедо на сегашниот владетел, го сметал христијанството за закана и го искоренил со егзекуции и работни логори.
Севернокорејскиот режим сега им дозволува на католичките организации да спроведуваат хуманитарни проекти, но директните односи на земјата со Ватикан не постојат.
Папата Франциск ја посети Јужна Кореја во 2014 година и одржа специјална миса посветена на обединувањето на двете Кореи.