Папата Франциско откри дека кога ја презел функцијата од неговиот претходник папата Бенедикт, наследил „голема бела кутија“ полна со документи поврзани со разни скандали со кои се соочува Католичката црква.
Папата Франциско стана поглавар на Римокатоличката црква во 2013 година по оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти, по што беше во позиција лично да му биде предадена должноста, објави Гардијан.
Набргу по неговиот избор за папа, напиша папата во својата автобиографија „Спера“ („Надеж“), објавена денеска, тој го посетил Бенедикт во Кастел Гандолфо, папската летна резиденција јужно од Рим.
„Ми даде голема бела кутија. Сè е тука, ми рече. Документи кои се однесуваат на најтешките ситуации. Случаи на злоупотреба, корупција, матни зделки, неправилности“, напиша папата Франциско.
Бенедикт тогаш му рекол дека дошол до тука, презел нешто, отстранил одредени луѓе и дека сега е негов ред.
Папата Франциско во својата автобиографија истакна дека продолжува да го следи неговиот пат.
Тој, сепак, не ја прецизираше содржината на кутијата или какви било скандали со кои се занимавал ниту Бенедикт, кој почина во декември 2022 година, ниту тој самиот во текот на речиси 12 години кога е поглавар на Римокатоличката црква.
Последната година од папството на Бенедикт беше оцрнета со скандалот „Ватикан Ликс“, кој ги разоткри наводите за корупција, внатрешен конфликт и финансиско лошо управување.
Иако имаше извештаи за постоење на белата кутија во 2013 година и подоцнежните години, пасусот во автобиографијата „Надеж“ е првпат папата Франциско да зборува за тоа, пренесува Танјуг.