Француските безбедносни служби одбиле повеќе од 4.000 барања за акредитација за Олимпијадата во Париз во 2024 година, некои поради загриженост за шпионажа и сајбер напади, изјави во неделата министерот за внатрешни работи на земјата Жералд Дарманин.
Министерот Дарманин рече дека француските власти досега провериле близу милион апликации за акредитација за Игрите, кои започнуваат на 26 јули, и одбиле 4.340 лица, некои поради врски со радикални исламисти или осомничени странски шпиони.
Скоро стотина беа одбиени поради страв од шпионажа или загриженост дека тие се агенти кои се обидуваат да добијат акредитација користејќи друга професија.
– Веројатно не беа таму за да извршат напади. Но, освен разузнавањето и традиционалната шпионажа, постои можност за пристап до влезните точки во компјутерските мрежи за да се изврши сајбер напад, изјави Дарманин за неделникот Журнал ду Диманш.
Тој рече дека се пријавиле како новинари или технички персонал, со земјите на потекло, вклучувајќи ги Русија и Белорусија.
– На пример, отфрливме голем број „новинари“ кои тврдеа дека ги следат Игрите. Од друга страна, прифативме присуство на Руси кои работат за Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Го применуваме принципот на претпазливост, рече министерот.
Париз ќе распореди 45.000 безбедносни лица за да ја гарантира безбедноста на Игрите и уникатна церемонија на отворање по реката Сена каде спортистите ќе пловат на бродови заедно со стотици илјади гледачи.
Организаторите го намалија првичниот број на гледачи на отворањето од 600.000 на околу 300.000.
– Колку што знаеме, немаме позната закана за безбедноста на Олимписките игри. Изминативе денови со полиција направив ново извидување со брод на Сена. Потврдувам дека церемонијата ќе се одржи во форматот што го најави претседателот на Републиката. Освен протокот на реката и малиот ризик од лоши временски услови, до денес нема идентификувани закани за Игрите. Ниту нашите разузнавачки служби, ниту странските служби со кои се координираме, не откриле странска закана, но остануваме фокусирани, рече министерот Дарманин.