Сега е важно да се направи се за војната од источните граници на Европа да не се прошири во централниот дел на континентот, посочи австрискиот канцелар Карл Нехамер, осврнувајќи се на Западен Балкан.
На отворањето на Европскиот форум Алпбах, Нехамер истакна дека затоа е важно да се даде соодветна перспектива на целиот Западен Балкан.
Тој укажа и на тензиите во БиХ и Косово.
Нехамер се залагаше за продолжување на преговорите и во врска со украинскиот конфликт.
Тој рече дека нема да има брз крај на војната, но дека е неопходно да се одржи контакт со Русија.
Нехамер даде јасна изјава за задржување на санкциите против Русија, велејќи дека тоа е нешто што мора да се направи, пренесува Танјуг.
Сепак, тој посочи дека е оправдано да се постави прашањето дали санкциите повеќе ја засегаат Русија отколку ЕУ.
Руската агресија врз Украина е главна тема на Европскиот форум Алпбах, кој годинава се одржува под мотото „Нова Европа“.
Гостин на отворањето беше претседателката на Молдавија, Маја Санду, која порача дека цела Европа мора да ѝ помогне на Украина, бидејќи Украинците ја бранат цела Европа.
На прашањето дали постои опасност Русија да ја нападне Молдавија, Санду посочи дека „ризиците се големи“, дека „никој не може да се чувствува безбеден“ и дека „Молдавија е кревка демократија без силна одбрана“.
Санду апелираше до ЕУ да ѝ даде на нејзината земја, како и на Украина, чесна перспектива за пристап.
Таа побара од ЕУ да стори повеќе против дезинформациите, велејќи дека тоа станало растечка закана.
Таа му порача на Санду и дека е неопходно Европа побрзо да воспостави енергетска безбедност.
Претходно, претседателот на Форумот Алпбах, Андреас Трејл, истакна дека е неопходна силна европска одбранбена архитектура.
„Го ценам НАТО, но Европа мора да биде независна во способноста да ги заштити своите граници“, посочи тој.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.