Најуспешниот и еден од најдобрите кошаркарски тренери во историјата на Македонија, Марин Докузовски е новиот тренер на Младински Кошаркарски Клуб Куманово кој се натпреварува во втората кошаркарска лига, информираат од управата на клубот.
Клубот постои од 2018 година, а во состав на клубот има младински кошаркарски школи од 12, 14, 16 и 18 години кои работат на развој и создавање на нови локални кошаркарски таленти и нема поврзаност со КК Куманово кој претходната сезона испадна од Првата кошаркарска лига.
Согласно амбициите на управата на клубот за развој на кошарката во Куманово и враќање на победничкиот дух и традиција на кумановската кошарка, Марин Докузовски ќе го предводи тимот во наредните 4 години.
Здружение Кошаркарски клуб МКК КУМАНОВО (Младински кошаркарски клуб Куманово) е формиран во 2018 година и се занимава со обука на деца и млади спортисти од Куманово за натпревари, унапредување и промовирање на кошарката во градот и подигнување на јавната свест за значењето на спортот и здравиот живот, а во своите редови има 230 кошаркари.