МВР излезе со детали за вчерашните протести (видео)

Сподели со своите пријатели

Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на насилни демонстрации кои резултираа со десетици повредени полициски службеници, демолирање на возила, палење на контејнери и уништување на јавниот имот со што е предизвикана и голема материјална штета, јавува МВР во најновиот билтен по повод вчерашните протести пред Владата на Република Македонија.

Loading...

 Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на брутални напади со бекатон плочи, со метални шипки и со камења. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на најсрамниот чин на симнување и кинење на знамето на Република Македонија од јарболите од страна на дел од демонстрантите на кои им пречат државните обележја.

Протестот започна околу 18:10 часот, кога пред објектот на Владата на РМ се собра група од околу 50 лица, на која набргу организирано и се придружија други граѓани. Во еден момент неколку лица, од кои повеќето девојки се прекачија преку поставената заштитна ограда пред објектот, со намера да влезат во Владата. Следејќи го нивниот пример, голем дел од насобраните граѓани кои се наоѓаа зад оградите масовно почнаа да се прекачуваат доближувајќи се на десетина метри од влезната врата на Владата, каде се спречени да влезат, се вели во соопштението на МВР

Во времето од 18:30 до 19:30 часот од страна на групата граѓани која се наоѓала на скалите иницирала повеќе насилни инциденти и го нарушила јавниот ред и мир. Во неколку наврати со бекатон плочи, камења, шишиња, јајца, домати и други предмети е фрлано кон кордонот од униформирани полициски службеници, како и објектот на Владата на РМ, а симнати се и државните знамиња од јарболите.

Од страна на одговорен старешина, дадена е усна наредба кон собраната маса, мирно да се разотидат и да не го нарушуваат ЈРМ, но наредбата не е испочитувана и масата повторно почна со фрлање на предмети. По ова од страна на униформирани полициски службеници е пристапено кон потиснување на масата и воспоставување на нарушениот ЈРМ, при што масата е насочувана по бул. „Св.Климент Охридски“ кон Соборен Храм, бул. „Партизански Одреди“ и бул. „Илинден“ во правец кон фонтана во Градскиот парк. Бидејќи од страна на организаторот не се преземени потребните мерки за безбедно одржување на собирот, согласно со член 82 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи превземени се мерки и активности за пронаоѓање и приведување на учесниците во нередите.

При потиснувањето на масата, на неколку локации на бул. „Илинден“ и бул. „Партизански Одреди“, од страна на масата се превртени и запалени десетина контејнери за смет, а при преземањето на мерките од страна на полицијата, повредени се повеќе УПС, оштетни се службени возила и приведени се лица.

Поточно оштетени се седум службени возила, а од полициската опрема оштетени се 22 штита, 5 шлемови, еден елек, штитник за нога и една радиоврска. Освен тоа нанесена е штета на фасадата на Владата на Република Македонија, но демолирани се и стаклата на еден приватен медиум, објектот на Радио Слободна Македонија.

Воедно, во нередите се повредени вкупно 38 униформирани полициски службеници од кои 6 полициски службеници се задржани на понатамошно лекување, додека останатите по укажана лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

До овој момент, едно цивилно лице се пријавило со повреди во ГОБ „8-ми Септември“ кое изјавило дека е физички нападнато пред Владата на РМ.

Loading...

Во нередите од слобода се лишени и приведени се вкупно 30 лица, од кои 2 малолетни лица. Малолетниците се ослободени по обавен разговор околу 03 часот, додека останатите се задржани до завршување на постапката. Едно лице е однесено во Клинички центар на клиниката за Токсикологија во алкохолизирана состојба, по што е приведен во ПС.

Единица за насилен криминал, во соработка со Основното Јавно обвинителство во Скопје, изврши службени разговори со приведените лица и од досега прегледаните видео записи утврдено е учество односно идентификувани се 12 лица кои учествувале во вандалските напади врз полицијата..

СВР Скопје продолжува со преземање на мерки и активности со цел идентификување и утврдување на други лица инволвирани во настаните.

Leave a Reply