Машкиот ракометен тим на Куманово официјално ги стартуваше подготовките во пресрет на новата натпреварувачка сезона.
Ракометарите предводени од првиот тренер Љубиша Димковски со неговиот стручен штаб подготовките ќе ги реализира во Куманово, за потоа да следат серија на пријателски средби и турнири каде екипата ќе се воигрува за следните предизвици во ракометниот шампионат.
– За разлика од мината година имаме промени во екипата во играчкиот кадар. Подмладен тим кој е базиран на македонски и домашни ракометари со едно интернационално засилување од Бразил. Машкиот ракометен шампионат оваа година е скратен и ќе биде многу посилен од минатата сезона каде ќе се обидеме да обезбедиме опстанок и ако ни се укаже шанса да влеземе и во ТОП 6 екипи во лигата. Поголемиот дел од играчите од минатата година успеавме да ги задржиме, мислам на поискусните и заедно со новите засилувања го комплетиравме ростерот. Верувам и сигурен сум дека имаме квалитетен тим со кој ќе можеме со секого да се надигруваме кога ќе стартува новиот шампионат – изјави шефот на стручниот штаб Љубиша Димковски.
Свое видување во пресрет на новата сезона има и претседателот на МРК Куманово Даниел Трајчевски.
– Нашата амбиција оваа година е да го представиме нашиот тим и град во најсветло можно издание во машкиот ракометен шампионат и зошто да не бидеме дел од најдобрите шест екипи, односно да влеземе во плејофот, но ќе бидеме задоволни доколку повторно успееме и да опстанене во лигата – изјави Трајчевски.
Тимот значително е подмладен, додава тој, и во лигата влегуваме како еден од најмладите тимови.
– Супер лигата е силна и секој меч ќе биде клучен доколку сакаме да направиме добар резултат. Во тимот засега ќе се работи со овие ракометари и очекуваме уште двајца играчи кои треба да ни се приклучат, поточно да дојдат на проба некаде околу 10 август, изјави тој.
И оваа година МРК Куманово ќе се натпреварува во три младински категории пионери , кадети и младинци кои за разлика од првиот тим ќе заминат на подготовки седум дена во Дојран.
– Тоа се 90 дечиња кои од нив најдобрите ќе добијат шанса во првиот тим на МРК Куманово, затоа што оваа сезона пет играчи веќе се дел од најдобриот тим токму од младинските категории каде очекуваме добри резултати како и во предходните сезони – изјави првиот човек на клубот.
Бошко Тасиќ