Кумановската Гимназија „Гоце Делчев“ стана училиште партнер во проектот EcoSTEAM Development во рамките на Еразмус плус програмата.
Станува збор за проект за Развој на интегриран модел помеѓу екологијата и STEAM науките.
Во проектот, освен Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, се вклучени и Универзитетската гимназија од Шјауљај, Литванија, но и Универзитетот Церапаша од Истанбул, Турција, како и невладината организација КАРДЕТ од Никозија, Кипар.
– Секој има своја улога и задача – и двете гимназии се искусни во спроведување на Еразмус+ проектите, кое можат значајно да искористат во подготвките и текот на меѓународните средби и договори, понатаму да дадат за пример методологија која би се користела за време на овие специфични едукативни лекции. КАРДЕТ, кој е всушност Центар за унапредување на истражувањето и развојот на образовните технологии, ќе ја состави во едно образовната содржина сосе новите образовни сценарија, а Универзитетот Церапаша ќе придонесе со своите познавања во обликување и креирање на наставната програма, појаснува Јасмина Денковска, наставник во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, која е координатор на проектот.
Како што појаснува Денковска, тимот има за цел да развие STEAM методологија која ќе ја крене свеста за еколошките состојби на светско ниво, а која ќе биде применлива и во формалното и во неформалното образование.
Конкретни интелектуални производи кои ќе произлезат од овој проект се: концепт за е-учење, програма за е-учење и е-водич, сите три се очекува да функционираат на локално, национално и меѓународно ниво. Истите ќе бидат подготвени во дигитална форма, бесплатни и достапни на сите јазици на партнерите-учесници во проектот.
– Со ова само се приклучуваме кон веќе актуелниот тек на сѐ почесто имплементирање на STEAM науките во училиштата. Идејата е да се приближат кон учениците кои ги доживуваат како потешки од другите од причина што бараат поголема посветеност, повеќе време, логичен приод и индивидуално критичко размислување. Учениците треба да станат свесни дека во последните три децении бројот на професии кои се базираат на STEAM енормно е зголемен, како и дека тој тренд само ќе продолжи да расне, додека паралелно се менува и понудата на професии на работниот пазар, додава Денковска.
Како што појаснува тој, проектот и меѓународниот тим се стремат да се модифицира образованието така што ќе им биде од корист на децата, но и ќе им понуди корисни содржини во технолошки-претрпан свет.
– Со успешната реализација на овој проект, ќе се чувствуваме задоволни бидејќи сме олесниле искачување на едно (а можеби и неколку) скалила во совладувањето на STEAM предизвиците, за сите засегнати страни. Истовремено, ќе оставиме траен белег со материјалите кои ќе ги подготвиме и кои сигурно ќе си ја најдата својата цел и правилна употреба, изјави наставничката Денковска.
Никола Ивановски