Австрија беше погодена од силен топлотен бран кој донесе рекордно висока минимална температура во текот на ноќта, додека Виена за прв пат откако се направени мерења, забележа температура од 40 степени.
Во опсерваторијата Бухбергварт во Нојленгебах, Долна Австрија, претходната ноќ беше измерена рекордна минимална температура од 27,5 степени целзиусови, со што беше соборен претходниот рекорд од 26,9 степени, објавува весникот „Кроне“.
Во текот на викендот, за прв пат од почетокот на метеоролошките мерења, температурата во Виена достигна 40 степени, додека во центарот на градот во вечерните часови беа измерени 32 степени.
Во Виена, термометарот не падна под 27 степени целзиусови во текот на целата ноќ.
Во 23 часот, во центарот на австриската престолнина сè уште беше 32 степени целзиусови, а на полноќ Виена, Линц и Рец сè уште беа над 30 степени.
Како што пишува весникот, за многу луѓе, мирен сон во текот на изминатата ноќ не беше можен.
Федералниот институт за метеорологија и геодинамика „ГеоСфера Австрија“ издаде предупредување за екстремна топлина, истакнувајќи дека суптропските воздушни маси го зголемуваат ризикот од здравствени проблеми како што се слабост и вртоглавица, и апелираше до граѓаните да пијат доволно течности и да избегнуваат физички напор во најжешкиот дел од денот.
Западните делови од земјата беа погодени од силна бура придружена со дожд и град, што предизвика поплави и лизгање на земјиштето во покраината Тирол.
Силен дожд и град беа регистрирани во регионите Оберланд и Цилертал, додека удар од гром предизвика шумски пожар.
Во долината Каунертал, околу 200 луѓе беа привремено заробени во планинска област откако три големи лизгања на земјиштето закопаа и однесоа делови од патот.
Покрај уништената патна инфраструктура, бурата го прекина снабдувањето со електрична енергија и ја уништи мрежата на мобилната телефонија.
Ранливите групи беа евакуирани со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи на Австрија веднаш во недела навечер, од превентивни и медицински причини, додека денес екипите на спасувачките служби, полицијата и австриската армија (Бундешир) ќе продолжат со евакуацијата на преостанатите заробеници.
Според метеоролозите, во понеделник на истокот од Австрија се очекува температурата да достигне 39, локално до 40 степени Целзиусови, со зголемен ризик од нови бури од запад.

