Гувернерот на мексиканската држава Синалоа, Рубен Роча, објави дека поднел барање за привремена оставка од функцијата, откако Соединетите Американски Држави го обвинија за трговија со дрога, а Федералното обвинителство на Мексико (FGR) започна истрага.
„Ги информирам луѓето од Синалоа дека денес поднесов до Државниот конгрес барање за привремено отсуство од функцијата гувернер, за време на истрагата, и тоа го правам од моите длабоки републикански убедувања“, рече тој во соопштението и објасни дека неговата одлука има за цел и да „овозможи непречена истрага и да гарантира транспарентност“.
Рока изјави дека обвинувањата што го поврзуваат со организиран криминал „немаат основа“ и дека постапката ќе се спроведе во согласност со законот, со целосна соработка со надлежните органи, објави латиноамериканскиот портал Infobae.
Истрагата на мексиканското обвинителство е поврзана и со наводните истраги на американските судски власти, кои го поврзуваат со криминални групи во регионот.
Случајот предизвика силни политички реакции во Мексико, вклучувајќи ги и барањата на опозицијата за дополнителни истраги и евентуални постапки пред федералниот државен конгрес.
Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, изјави во четврток дека обвинителството ќе постапи во согласност со законот доколку американската влада презентира доволно докази против гувернерот на државата Синалоа и другите кои се обвинети во САД за врски со трговија со дрога.
Таа додаде дека доколку нема доволно докази, тоа ќе значи дека обвиненијата на Министерството за правда на САД се политички по природа.
Шајнбаум, исто така, рече дека Мексико под никакви околности нема да дозволи мешање на странска влада во неговите суверени работи.
Министерството за правда на САД во среда ги обвини гувернерот Рубен Роча и другите за заговор со картелот Синалоа за увоз на огромни количини наркотици во САД во замена за политичка поддршка и мито, објави Танјуг.

