Ердоган: Демонстрантите се зло

Сподели со своите пријатели

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини опозициските партии за насилствата на протестите, кои се одржуваат веќе шеста ноќ по ред поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, а најголемата опозициска Републиканска народна партија најавува прекин на собирот денеска, јавува Би-би-си.

Loading...

Немирите започнаа во Истанбул минатата среда, кога Имамоглу, главниот ривал на Ердоган за претседателската функција, беше уапсен под обвинение за корупција.

Имамоглу рече дека обвиненијата против него се политички мотивирани, што турскиот претседател го негираше.

Турската опозициска Републиканска народна партија вчера објави дека го номинирала градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу за свој кандидат на претседателските избори во 2028 година, и покрај неговото апсење.

Ердоган претходно ги нарече демонстрантите „злобни“ и ја обвини опозицијата за нарушување на мирот на граѓаните.

Во понеделникот вечерта, возила со водени топови беа забележани на улиците во близина на граѓанските собири, а протестот изгледаше многу помирно, без сцените на конфликт видени во неделата вечерта, додава британскиот јавен сервис.

Турските власти соопштија дека, пред собирот во понеделник, тие уапсиле 1.133 лица од почетокот на протестите минатата среда.

Најголемата опозициска партија најави прекин на протестите во Истанбул, но не е јасно дали ќе престанат и спонтаните собири на граѓани.

Loading...

Лидерот на Републиканската партија Озгур Озел најави дека денеска ќе го посети Имамоглу во затворот и ќе поднесе барање за ослободување на градоначалникот до почетокот на судскиот процес, кој се очекува јавно да се емитува на државната телевизија ТРТ.