Градоначалникот на Општина Куманово ја информира јавноста дека реконструкцијата на капелите на градските гробишта во Куманово се реализира преку Министерството за транспорт, во рамките на вториот Јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, преку програми за распределба и користење на средства од комунална инфраструктура.
Проектната документација е изготвена од ЈП „Куманово План“, а проектот е одобрен од надлежниот Сектор за урбанизам при Општина Куманово.
За реализацијата на овој проект, Општина Куманово не учествува со средства од сопствениот буџет, а средствата се одобрени од Министерството за транспорт, кое има склучено Договор со изведувачот и надзорот.
Проценета вредност за реализација на проектот е 36.499.999,54 со ДДВ. Вредност на склучениот Договор без вклучен ДДВ 22.512.141,00, ДДВ 18 %, вредност на Договор со ДДВ 26.564.326,38.
Капелите и градските гробишта во Куманово не се објекти наменети исклучиво за припадници на една верска заедница. Тоа се градски гробишта, наменети за сите граѓани на Куманово, без разлика на нивната верска, етничка или друга припадност.
Градските гробишта се во сопственост на Општина Куманово, а нивното одржување е во надлежност на ЈП „Чистота и зеленило“. Годишната рента за едно гробно место изнесува 507 денари со вклучен ДДВ.
Општина Куманово работи согласно своите законски надлежности, утврдените приоритети и предвидените годишни програми, водејќи сметка за интересите и потребите на сите граѓани.
Оттука, сметаме дека прес-конференцијата на Коалицијата НАИ, со која се пласираат неосновани и тенденциозни толкувања во врска со реконструкцијата на капелите и градските гробишта, претставува обид за политизација на едно прашање што треба да биде надвор од дневнополитичките и верските поделби.
Гробиштата се за сите граѓани. Тие се градски, јавни и заеднички, а почитта кон починатите и нивните семејства не смее да биде предмет на политички манипулации и поттикнување верска нетрпеливост.
Градоначалникот на Општина Куманово повикува на одговорност, меѓусебно почитување и воздржување од реторика, која може да создава поделби меѓу граѓаните. Куманово отсекогаш било град на соживот, почитување и заедништво, и така треба да продолжи да се гради и во иднина.
Општина Куманово останува посветена на еднаков третман и грижа за сите свои граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или каква било друга припадност.

