Големиот пожар што вчера околу пладне избувна над липковското село Никуштак продолжува да се шири во правец на селото Матејче и манастирот во селото, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
На терен во моментов дејствуваат четири пинцгауери на Дирекцијата за заштита и спасување, кои, каде што дозволуваат условите на теренот, ја гаснат надворешната линија на пожарот.
Во гаснењето учествуваат и екипи на Национални шуми, како и заменик-директорот Кире Михаилов со своите екипи, кои влегуваат во шумскиот дел и се обидуваат да воспостават делумна контрола врз огнот.
На терен се и кумановските професионални пожарникари, а Дирекцијата превентивно поставила и едно возило со резервоар од шест тони вода, во случај пожарот да се приближи до селото.
– Превентивно донесовме и еден БТР на Дирекцијата кој што има резервоар со 6 тони вода во случај огнот да пробие овде зад мене да го браниме селото, затоа што веќе на стотина метри назад се наоѓаат првите куќи од селото, изјави Ангелов.
Тој сепак оцени дека во моментов нема опасност селото Матејче да биде загрозено.
– Сметам дека селото во никој момент нема да биде загрозено бидејќи се работи за живо село полно со луѓе, а имаме и асфалтирани улици, рече Ангелов.
Според него, иако на теренот има висока сува вегетација, локалното население може значително да помогне доколку пожарот се приближи до куќите.
– И покрај тоа што и овде забележуваме многу висока сува вегетација, сепак луѓето, локалните жители, ќе помогнат како што помагаа и во текот на вчерашниот ден“, додаде Ангелов, заблагодарувајќи им се на жителите на Никуштак кои и вчера и денес се на терен и им помагаат на екипите, меѓу другото и со насочување низ теренот.
Пожарот во почетната фаза вчера бил нападнат и од воздух. Три ер-трактори во девет налети исфрлиле вкупно 81 тон вода, но огнот повторно се разгорел и излегол од контрола, по што продолжил да се движи кон Матејче и манастирот.
Никола Ивановски

