Денеска пресуда за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства

Сподели со своите пријатели

Основниот суд во Куманово денеска треба да ја изрече пресудата за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане.

Обвинителството бара доживотен затвор, додека одбраната побара судот да ги земе предвид олеснителните околности.

Судскиот процес влегува во завршната фаза по завршните зборови на обвинителството, одбраната и правните застапници на оштетените, изнесени на рочиштето одржано на 6 октомври. Пресудата е најавена за денеска, петок, 9 октомври.

Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара Бојковски да биде прогласен за виновен и да му биде изречена најстрогата казна – доживотен затвор.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  24-годишник од Куманово возел мотор без дозвола, полицијата го привела

Обвинителството смета дека изведените материјални и вербални докази ја потврдуваат неговата вина за делата опфатени со обвинението

Според обвинението, Бојковски се товари за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, како и за два обида за убиство на Росанка Трајковска и Слоботка Арсовска.

Во завршните зборови обвинителот посочи дека жртвите биле убиени на сличен начин, а како важен доказ ги наведе и ДНК-трагите пронајдени кај дел од жртвите и една од преживеаните жени.

Лапе оцени дека психијатриското вештачење укажува на висок ризик од повторување на кривичните дела и дека постојат сериозни пречки за ресоцијализација на обвинетиот. Токму овие околности, според обвинителството, се меѓу причините поради кои се бара доживотен затвор.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Донација од 25 електрични медицински кревети и опрема за Општа болница Куманово (ФОТО)

Одбраната, пак, преку адвокатот Тони Цветковски, кој на Бојковски му е доделен по службена должност, побара судот да ги цени олеснителните околности при одмерувањето на казната.

Адвокатот се осврна на делот од обвинението што се однесува на убиството на Станче Каровска од селото Клечовце, посочувајќи дека, според одбраната, не биле изведени дополнителни докази со кои би се потврдило дека обвинетиот го сторил тоа дело на начинот опишан во обвинителниот акт.

На претходното рочиште, одржано на 28 септември, Бојковски призна вина за три убиства, додека четвртото го негираше.

Судот денеска треба да се произнесе за обвинението и да ја соопшти одлуката во случајот што предизвика големо внимание во јавноста.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започна третата сезона на Лигата за детска атлетика во Куманово (ФОТО)

Никола Ивановски