Со учество на ученици од осум основни училишта во Куманово, започна третата сезона на Лигата за детска атлетика, наменета за учениците од трето и четврто одделение.
Првото од вкупно седумте планирани кола се одржа на 7 октомври, во одлични временски услови, а младите натпреварувачи покажаа мотивација, спортски дух и желба за постигнување што подобри резултати.

Натпреварувањето е во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Куманово и има тимски карактер.
Резултатите на учениците во повеќе атлетски дисциплини се бодуваат и придонесуваат за вкупниот пласман на нивните училишни екипи.

Младите атлетичари се натпреваруваат во скок во далечина со залет, фрлање ѓуле од рамо, спринт, претрчување пречки, издржливост, скок од место и фрлање копје.
– Преку оваа лига, учениците имаат можност да ги развиваат своите спортски способности, да се запознаат со атлетските дисциплини и да ги негуваат тимскиот дух и здравите спортски навики, изјави Фидан Арсовски од Сојузот.

Според најавите, во натпреварувањето се очекува да учествуваат повеќе од 600 ученици од трето и четврто одделение, што ја потврдува целта на лигата за поттикнување на спортот и физичката активност уште од најрана возраст.



Никола Ивановски

