Речиси 90 болници во Франција денеска го активираа таканаречениот „бел план“, кој подразбира одложување на операциите и отповикување на персоналот од отсуство со цел да се бори против епидемијата на грип.
Француското Министерство за здравство денеска соопшти дека оваа програма е во сила во 87 болници поради епидемијата на грип што се шири низ земјата, пренесува БФМ.
Зимската епидемија на грип, која обично трае десет до дванаесет недели, се засили во Франција на почетокот на јануари и доведе до поголем прилив на пациенти во болниците.
Во исто време, во таа земја е зголемен и бројот на починати од грип, главно кај оние над 65 години.
Министерството за здравство ги повика граѓаните да се вакцинираат, истакнувајќи дека 70 отсто од хоспитализираните пациенти не ја добиле годишната доза имунизација против грип или КОВИД-19, јави Танјуг.