Бобан Карапејовски: ЗНАМ ќе ја поддржи Владата и искрено веруваме во остварувањето на сите програмски и стратегиски начела

Сподели со своите пријатели

„Во името на пратеничката група ма ДвижењетоЗНАМ-За наша Македонија, сакам да истакнам дека ние ќе ја поддржиме Владата и искрено веруваме во остварувањето на сите програмски и стратегиски начела, како и проектните планови што ги изнесе мандатарот“ – рече Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија Бобан Карапејовски на седницата за избор на владата.

Loading...

Тој во својот говор истакна:

„Еден од симболите на демократијата на овие простори, Зоран Ѓинѓиќ, ќе рече: Нашата генерација е генерација што има огромна одговорност. Се разбира, со одговорноста оди и честа. Ние сме избрани, ние имаме мисија. Таа мисија нам лично, на нашата генерација, не може ни да донесе никакви почести, не може да ни донесе никаква материјална благосостојба, зашто времето во кое живее и дејствува нашата генерација е време на аскеза и на одрекување. Само оние што се подготвени да се одречат од својата благосостојба, можат да речат: ние ѝ припаѓаме на онаа генерација во државата што ја спаси, ние сме луѓето на новата политика. Изборот на влада на една држава треба да биде свечен чин. Денес треба да се избере новата генерација, која се надевам дека ќе се
откаже од својата благосостојба за добросостојбата и за спасот на државата, денес ќе избереме луѓе на една нова политика.

Независно од тоа дали се согласувате или не се согласувате во политичкото дејствување со оние што ја формираат, денот на расправата по кадровските решенија и по програмата на владата е одраз на народната волја на избори. Ние сме биле сведоци на секакви сцени во работата на Собранието, но политичката култура мора да порасне и да дојде до рамниште кога ќе се нотираат забелешките и потоа ќе ѝ се даде поддршката и простор на владата за да го сработи она за што добила доверба. И ние да станеме дел од луѓето што ѝ припаѓаат на новата политика.

Денес и утре ние имаме привилегија да учествуваме во работата на Собранието на Македонија кога се одлучува КАКО и КОЈ ќе ја води оваа држава. Согласни или не, ние сме тие што како 11. собраниски состав на грбот треба да ја износиме одговорноста за да се направи Македонија подобро место за живеење.

Особено ми е жал ако не успееме да го задржиме тоа ниво на торжественост на оваа седница и ако се сведе дискусијата на лични дискредитации, како израз на немоќ или на недостиг на аргументи, наспрема изборните резултати. Се надевам дека опозицијата ќе се надмине и ќе ја поддржи програмата на Владата, на тој начин демонстрирајќи подготвеност да учествува во градењето на Македонија во следниот период. Да даде придонес кон новата политика.

Како што реков, сме се изнагледале сè и сешто во ова Собрание, сме гледале и прекројување на народната волја, особено од претходното мнозинство, кое како да ја знаело Марксовата дека, ако го откинете народот од неговата историја, лесно можете и да го убедите во сѐ и сешто.

Но, да ја дополнам оваа мисла: колку и да се превоспитува народот да заборави, тој знае од каде иде и каде оди. И, тоа откинување и антимакедонство мора да запре и оваа влада да стане стожерниот елемент во зачувувањето на македонските државни и национални интереси. Но, за тоа – потоа, историјата е немилосрдна и таа е најдобриот судија. Пред нас се наоѓаат два клучни документи и со гласањето за Владата ќе треба да се произнесеме за две работи што произлегуваат од експозето на мандатарот.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Николовски пред превозниците: Ќе работам на менување на свеста на царинските службеници

Едната го вклучува персоналниот состав на Владата, на кој би сакал накратко да се осврнам, а другата е програмата за работа на Владата и приоритетите за работа. Тие два сегмента се нераскинливи: нè интересира ШТО ќе се прави и КОЈ ќе го прави сето тоа. Пред нас, бездруго, имаме луѓе со силни биографии, како и со неоспорни етички и професионални капацитети. Луѓе без каква и да е дамка во своето портфолио, дури и на ниво на шпекулации. Ресорот правда го води правник, администрацијата – долгогодишен општествено-политички работник и менаџер со државни институции, образованието – универзитетски професор, спортот – истакнат ракометар, културата – докажан актер, итн.,

Во секој ресор, практично, она за што Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се залагаше во предизборната кампања, а сега на тоа инсистира и ќе инсистира во работењето на Владата – наместо стратегијата од државата и од владата да се прави некаков виц со прераспределба на кадри во ресори за кои немаат квалификации, да дојдат вистинските луѓе на вистинските места. Некои ваквиот пристап можат да го квалификуваат како врвен патриотизам, други, пак, како човекољубие. Во секој случај, дали е поради земјата, државата или поради човекот, семејството, соседите и пријателите, давањето шанса на најдобрите е единствениот излез од актуелната состојба, во која Шарената револуција се претвори во грст шарени лаги, кои ја уништија надежта и предизвикаа  интелектуален и демографски помор – умните и младите бегаат во очај, барајќи функционална држава и систем, а не племенски уредено општество, водено од неспособни, молчаливци желни за власт, или од криминални кланови. Движењето ЗНАМ-За наша Македонија на политичката сцена во Македонија нуди еден поинаков пристап во политиката, тоа е квалитетот на кадрите, транспарентни и конзистентни политики и решенија, но и доследна имплементација на сопствените политики.

Досега докажавме дека за нас зборот е збор. Ние ја прифативме одговорноста за учество во владата во ресорите правда и јавна администрација, во согласност со програмските приоритети од предизборната програма во сферата на правосудството, каде што промовираме нула толеранција за криминалот и корупцијата, обезбедување
правна држава и сигурност на граѓаните преку стабилен политички систем во државата.

Ја добивме довербата како никој досега при прв настап на избори, а таму врвно место заземаше и концептот на самоодржлива држава во делот на енергетиката и на производството на храна. Со измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа се создадоа предуслови овие програмски цели на Движењето ЗНАМ да добијат поголема видливост и да се стави на нив поголем акцент, особено со создавањето на новото министерство за енергетика. Оваа Влада има должност Македонија да ја направи горда и преку тоа што нема да зависи од шпекуланти на пазарот на енергенсите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Оперативна акција „Пожар 2024“: МВР во целосна мобилизација!

Искрено се надевам дека зголемената грижа за македонскиот јазик, не само преку додавање алинеја во надлежностите на Мин. за култура туку и преку активно залагање и работа на Советот за македонски јазик, како и соработката на ресорните министерства за култура и за образование и наука, ќе се ефектуира во зголемена заштита, но и поддршка на научното истражување на овој сегмент.

Особено ми е драго што поддршката за научни истражувања и изучување и популаризација на македонскиот јазик зазема сериозно место во програмата на мандатарот. Во таа смисла, заштитата на културните богатства, Охрид и Старото градско јадро, кои ги доведовме на работ на уништувањето и губење на статусот на заштита во УНЕСКО поради урбанистичкиот хаос, ќе биде еден од приоритетите на новата влада. И не само Плаошник, кој е издвоен во програмата туку и сите други културни богатства ќе бидат во фокусот. Особено ми е драго што во програмата на владата потенцирана е Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и
ставањето акцент на нејзина реконструкција, со оглед на очајната состојба во која се наоѓа, запустена и однадвор и однатре последниве неколку години, како и Универзалната сала, еден од белезите на Скопје, за која граѓаните од изборната единица од која сум избран, ИЕ 1, негуваат посебен сентимент и која мора, конечно, да им биде вратена на скопјани!

Бидејќи доаѓам од високото образование и науката, сакам да ги поздравам програмските заложби на Владата во овој сегмент. Зголемувањето на издвојувањата за образованието, но особено, за науката, треба да бидат врвен стратегиски приоритет. Поттикнувањата да се објавува во високорангирани списанија со фактор на влијание е
исклучително важно, но мора да се имаат предвид и националните дисциплини, за кои треба да се направи одделна стратегија за меѓународна научна промоција, со посебни фондови и стимулации, имајќи предвид дека пристапот на природно-математичките, техничките и медицинските визави националните дисциплини (јазикот,
книжевноста, фолклорот итн.) има свои специфики и, нужно, поинаков пристап и начин на евалуација.
Периодот на владеење на претходната Влада остави зад себе последици во многу сфери на живеењето.

Ние влегуваме со елан и желба да учествуваме во изградба на државата. Македонија ја доби својата шанса на овие избори, дури, според степенот на загриженост кај граѓаните и ниското ниво на оптимизам, можеби дури и својата последна шанса. Искрено се надевам дека ова ќе биде чесна, скромна и одговорна влада, која нема да функционира по принципот на сфери на влијание и одговорност, туку по принципот на поделба на одговорност во сите сфери на одлучување, а министрите ќе му одговараат на премиерот и на Собранието, а не на партиски моќници и чудни групации на интерес, кои досега ја држеа во своевидно заложништво претходната влада. Македонија ни припаѓа на сите подеднакво и никој нема ексклузивно право на нејзина сопственост. Македонците треба да прифатат дека оваа земја не е само наша своина, таа е на сите граѓани. Но, и останатите наши сограѓани од другите етнички заедници треба да разберат и да прифатат дека лојалноста кон сопствената држава е секогаш повисоко ниво од лојалноста кон сопствениот етникум во други држави.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Петрушевски: Соработката со Министерството за внатрешни работи на Сојузна Република Германија продолжува

Само така ќе обезбедиме хармонични меѓуетнички односи, кои се засноваат на искреност и почит, а не како досега – на уцени и бизнис-зделки. Досегашното високо ниво на дијалог меѓу коалициските партнери дава надеж
дека и во сферата на меѓуетничките односи ќе се направи исчекор до тој степен што тие веќе нема да бидат на ничија агенда.

Не треба да има политички реваншизам, но секој што се огрешил пред законот, сѐ што е противзаконско, треба да се преиспита и секој што не работел за најдоброто на граѓаните и на Македонија – да одговара. Успешноста на владата зависи и од тоа колку таа ќе успее да управува и да работи за гласачите, а помалку да владее со граѓаните. Ние ги претставуваме граѓаните, Владата ќе треба да работи за нивно добро. Со коалициските партнери усогласени се принципите и начинот на функционирање на идната Влада врз рамноправни, автономни и  партнерски односи, со заемна одговорност во делот на имплементацијата на владината програма.

-Интегрирање во Европската Унија на Македонија на достоинствен начин, со почитување на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и вековна национална историја, во согласност со критериумите од Копенхаген, на начин на кој членство обезбедиле сите постојни членки е дел од тие приоритети.

-Македонија како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал.

-Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на асномските вредности;

-Македонија како самоодржлива држава;

-стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава и

-забрзани и ефикасни реформи во економијата и во социјалните политики, во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните се приоритети за сите граѓани, а тоа значи и за оваа владејачка гарнитура.

Loading...

Имајќи ги предвид клучните програмски залагање на оваа Влада, во кои се содржани главните начела на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во името на пратеничката група, сакам да истакнам дека ние ќе ја поддржиме Владата и искрено веруваме во остварувањето на сите програмски и стратегиски начела, како и проектните планови што ги изнесе мандатарот. Пред нас имаме исклучително квалитетен предлог, кој заслужува не само шанса за да се реализира туку и наше целосно залагање и помош во остварувањето, за општо добро. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кадрите предложени од наша страна ќе се истакнат со висок степен на имплементација на владините политики. Тоа е нашето кредо, нашето „вјерују“ и од тоа отстапување – нема!

Се надевам на огромна поддршка од пратениците за владината програмата и за изборот на министри на мандатарот и, дозволете ми уште отсега да им честитам и да им посакам успешна работа. Бидете новата генерација политичари, на кои државата им е пред личното. Почитувајте го секој граѓанин и сакајте ја и работете за Македонија!“