Блинкен до „Квад групата“: Ако дозволиме Русија да води војна неказнето…

Сподели со своите пријатели

На Русија не може да ѝ се дозволи неказнето да води војна, се вели во денешното соопштение по средбата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефовите на дипломатиите на Индија, Јапонија и Австралија во Њу Делхи.

Loading...

Таканаречената Квад група, исто така, посочи дека заканата на Русија за употреба на нуклеарно оружје во Украина е неприфатлива.

„Ако ѝ дозволиме на Русија неказнето да го прави она што го прави во Украина, тогаш тоа е порака до потенцијалните агресори насекаде за да можат и тие да се извлечат со тоа“, изјави Блинкен.

Блинкен се состана со колегите од Квад групата на маргините на состанокот на Групата 20 (Г20) во Њу Делхи, каде министрите за надворешни работи разговараа за војната во Украина, објави Ројтерс.

Во нивната изјава, министрите на квад групата, исто така, ги осудија акциите што ги зголемуваат тензиите во Јужното Кинеско Море и милитаризацијата на областа.

Името на Квад група е Квадрилатерален безбедносен дијалог, фокусиран на стратешки прашања во Индо-пацифичкиот регион.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борел, денеска ја повика меѓународната заедница да работи заедно и посочи дека во сегашната ситуација никој не треба да остане неутрален.

Блинкен се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во четвртокот за прв пат од почетокот на конфликтот во Украина и ја повика Москва да ја прекине војната и да ја укине суспензијата на учеството во нуклеарниот договор Новиот СТАРТ, изјави висок американски претставник.

Loading...

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров и Блинкен разговарале помалку од 10 минути и дека немало никакви преговори, пренесоа руските агенции.

На состанокот на Г-20, САД и сојузничките земји повикаа на континуиран притисок врз Русија за прекин на конфликтот, но не беше постигната заедничка изјава за осуда на Москва поради војната во Украина поради противењето на Русија и Кина.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.