Во организација на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово, на повеќе локации во градот беше реализирана превентивна акција насочена кон зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот во периодот на летните патувања.
Во рамки на акцијата на граѓаните беа поделени флаери со совети за безбедно патување, со посебен акцент на подготовката на возилото пред подолг пат и одговорното однесување во сообраќајот.

Од СВР Куманово потсетуваат дека пред тргнување на пат потребно е да се проверат пневматиците, односно притисокот на воздухот и длабочината на шарата, како и исправноста на возилото. Се препорачува проверка на моторното масло, акумулаторот, антифризот, сопирачките и издувниот систем.
Посебно внимание треба да се посвети и на климатизацијата и филтерот за воздух, бидејќи високите температури и топлината во возилото можат дополнително да го отежнат патувањето и да влијаат врз концентрацијата на возачот.

Во советите се наведува и потребата од проверка на бришачите и нивото на течноста во резервоарот, како и исправноста на сите светла, надворешните светла и трепкачите. За семејствата кои патуваат со деца, важно е детското седиште да биде правилно поставено, а сигурносните појаси исправни и правилно користени.

Граѓаните се советуваат во возилото да имаат комплет за прва помош и сет за итни ситуации, како и доволно гориво во резервоарот.
Од особена важност при патувањата е и однесувањето на самиот возач. Се апелира возачите да останат фокусирани на патот и да не го користат телефонот додека управуваат со возилото. За подолгите патувања се препорачува да се патува во раните утрински часови, одморени и наспани.

Превентивните активности имаат за цел да ги потсетат граѓаните дека безбедното патување започнува уште пред да се стартува возилото, со навремена проверка на неговата исправност и одговорно однесување на патиштата, истакна Лиле Младеновска, началник на Отсекот за превенција при СВР Куманово.

Никола Ивановски

