Ќе се реконструира геријатрискиот дел во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово ќе добие целосна реконструкција на геријатрискиот дел, како дел од проектот што институцијата го реализира во партнерство со општините Лесковац и Врање.

Проектот е во завршна фаза на подготовка за имплементација, а се очекува јавната набавка за започнување на работите да биде реализирана во текот на септември.

Директорот на Домот „Зафир Сајто“, Александар Крстевски, посочи дека реконструкцијата ќе опфати повеќе сегменти од објектот.

– Нашиот дом ќе има целосна реконструкција на геријатрискиот дел, од вода, канализација, струја, санитарни чворови итн., па сè до опрема. Така да ние како дом за стари лица ќе добиеме многу во квалитетот на нашите услуги, изјави Крстевски.

 

 

Домот „Зафир Сајто“ е партнер во проектот, додека лидер-партнер е невладина организација од Општина Лесковац. Во проектот се вклучени и Општина Врање и институции од овие општини, при што и таму ќе се реализираат активности поврзани со реконструкција на објекти за социјална заштита.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Заталкан куршум пронајден во двор во Куманово

Според Крстевски, активностите од проектот започнуваат со временска рамка од 15 август, а кумановскиот дом во моментов ја комплетира потребната документација и се подготвува за постапките поврзани со јавните набавки.

 

 

Во Домот во моментов се сместени 172 корисници, бројка која, како што посочи директорот, варира во зависност од сместувачките капацитети и промените во бројот на корисници.

Покрај инфраструктурното унапредување, еден од најголемите предизвици за Домот останува и недостигот на кадар. Според Крстевски, согласно планот за вработување, институцијата има потреба од 27 нови вработувања.

– Ние имаме потреба од 27 лица, но според нормативите што ги гледавме, таа бројка може да се зголеми. Советот даде зелено светло и едногласно беше донесена одлука. Истата е спроведена и испратена до нашето надлежно министерство. Сега го чекаме одговорот од нив, а после тоа се доставува документацијата до Министерството за финансии, рече Крстевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановка пронајдена почината во својот дом во Иго Тричковиќ

Најголема потреба, според него, има од негуватели, но недостигаат и други профили кои се од особено значење за грижата за корисниците како социјален работник, физиотерапевт, медицински сестри и друг стручен кадар.

– Најмногу ни се потребни негувателки, но исто така ние немаме социјален работник, немаме работен воспитувач кој е од големо значење за нашите корисници заедно со физиотерапевот да ги оспособат т.е да можат сите наши корисници да имаат витални функции т.е самите да одат, да се движат, да се хранат. Значи многу, многу категории вработување ни се потребни, но мислам дека работниот терапевт, социолог, социјален работник, медицински сестри и негователки ќе ни се многу потребни, додаде Крстевски.

 

 

Тој нагласува дека работата во домот е континуирана и дека вработените се соочуваат со голем обем на обврски, имајќи предвид дека институцијата функционира 24 часа во денот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Автомобил натоварен со дрва се запалил во Пузаљка, пожарот се проширил и на шума

– Многу е тешко. Нашите вработени даваат натчовечки напори. Домот 24 часа е во служба. Сите вработени даваат над 100 отсто од своите работни ангажмани, помагаат секој на секого, само за да добијат поквалитетна услуга нашите корисници, вели Крстевски.

Дополнителен проблем е и здравствената грижа за корисниците. Домот има договор со приватна здравствена ординација, чиј лекар доаѓа двапати неделно, но според директорот, со измените во законската регулатива здравствените услуги повеќе не се дел од системот на социјална заштита на истиот начин како претходно.

Поради тоа, од Домот најавуваат иницијатива за обезбедување лекар, заедно со Домот за стари лица од Прилеп.

Со реконструкцијата на геријатрискиот дел и планираното зајакнување на кадровскиот потенцијал, од Домот очекуваат да се создадат подобри услови за работа и поквалитетна услуга и грижа за корисниците.

Никола Ивановски