Ученици, професори, припадници на армијата, шумарите, но и политичарите денес пошумуваа на Даштев рид во н. Гоце Делчев во рамките на акцијата „Засади успех“.
[huge_it_gallery id=”241″]
Од пет до десет илјади садници од видот аризонски чемпрес и бел бор беа засадени на оваа локација, а како што истакнаа од Шумско стопанство, се надеваат дека 80 до 90 проценти од засадените дрвца ќе се прифатат поради поволните климатски услови.
Освен учениците и професорите, во акцијата активни беа и политичарите.
Така меѓу останатите „иднина“ засадија Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани, градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски, како и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово, Драган Петковски.
Министерот Шабани истакна дека ова е еден многу значаен ден за Република Македонија, па затоа е присутен во Куманово да ја подржи акцијата.
Гледаме дека подолго време се инвестира и веќе резултатите се на виделина. Велам заради фактот дека при толку големи загадувања низ сите наши градови добро е да се подигне свеста на уште повисоко ниво, да се апелира повеќе, да се сензибилизираат сите можни категории да што почесто инвестираме во нашата екологија и нашиот воздух заради иднината на нашите деца и на сите нас – изјави министерот Лирим Шабани.
Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски вели дека треба многу да се работи на свеста на граѓаните, пред сè за зачувување на животната средина.
Екологијата е централен проблем во светот, а Македонија се приклучува на таа агенда, и ова е еден сегмент од заштита на еколошката средина. Раџзговаравме со министерот и за другите еколошки проекти. Во меѓуграничната соработка работиме на многу еколошки проекти заедно со Министерството за локална самоуправа во насока на еколошките проекти и можеби наредна година ќе оствариме дел од нив – истакна Дамјановски.
Во акцијата се вклучи и советникот од општина Куманово, воедно и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски кој истакна дека без разлика на партиска и етничка припадност, сите се вклучуваат во овој проект.
Ова е еден проект кој е поддржан од сите во Република Македонија. Мој апел е само до граѓаните на Куманово, по засадувањето на овој терен да направат нешто и за одржување на овие садници. Од време на време да ги погледнат и после неколку години да дојдеме заедно тука и да го видиме овој рид разубавен – додаде Петковски.
Во акцијата се вклучија и Армијата на Република Македонија, вработените во „Македонски шуми“, јавни претпријатија и граѓани.