Средношколскиот Пленум во утринските часови постави штанд пред СОУ Гимназија ”Гоце Делчев” на кој полнолетни граѓани ќе може да остават свои потписи и парична донација како поддршка за активностите кои ќе следат, информираа учениците од Куманово.
Досега се собрани над триста потписи од граѓани и минимална сума на пари, велат од Пленумот со најава дека штандот ќе биде поставен во сите денови додека трае бојкотот. Граѓаните кои ќе изразат желба да го поддржат Средношколскиот Пленум може да го сторат тоа со давање потпис со обавезна лична карта, но и да остават лична парична донација од кои средства, Пленумот ќе печати флаери како најава за своите активности.
Инаку, најавениот бојкот според информациите од неколку ученици присутни покрај поставениот штанд, освен во Гимназијата, се одвивал во сите средни училишта во Куманово.
Средношколскиот Пленум на својата официјална веб страна објави дека протестот изразен преку бојкот нема да запре се` додека МОН, односно ресорниот министер не започне преговори со Пленумот за повлекување на одлуката за воведување математика како обврзувачки предмет при полагање на државна матура за учениците од гимназиските паралелки.