Отпечатоците пронајдени на калливите брегови на езерото Туркана во северна Кенија, стари околу 1,43 милиони години, им дадоа на научниците нови информации за видот Paranthropus boisei, еден од древните членови на човечката еволутивна лоза.
Истражувачите пронајдоа 21 отпечаток од стапало што им припаѓаат на осум единки од овој вид, за кои веруваат дека се движеле заедно по калливата површина, објавува Ројтерс.
Врз основа на обликот на стапалата и начинот на кој оделе, тие заклучиле дека трагите веројатно ги оставиле возрасни мажјаци.
Откритието укажува дека мажјаците Paranthropus boisei понекогаш се движеле во групи без женки и младенчиња, давајќи нов увид во нивната социјална организација.
„Ова е неверојатен увид во тоа како изгледале овие хоминини, како оделе и како комуницирале едни со други и се поврзувале со нивната околина“, рече палеоантропологот Кевин Хатала, главен автор на студијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
Paranthropus boisei е познат главно од фосили од черепи и заби.
Имал многу силна вилица, големи катници и коскен гребен на врвот од черепот кој служел за прицврстување на моќни мускули за џвакање.
Научниците веруваат дека се хранел со цврста растителна храна, вклучувајќи треви, мочуришни растенија, јаткасти плодови и семиња.
Отпечатоците од стапалата укажуваат дека овој вид бил поголем отколку што се сметало претходно, висок околу 1,83 метри и тежок приближно 75 килограми, приближно колку големината на Homo erectus, кој живеел во истата област.
Истражувачите велат дека не е познато зошто групата се движела по брегот на езерото.
Можно е тие да барале храна или вода, да патролирале низ областа или едноставно да се движеле заедно, рекоа тие.
Една од хипотезите е дека станува збор за група мажјаци без партнери, слична на социјалните структури што постојат кај некои примати, како што се горилите, каде што доминантниот мажјак го контролира пристапот до женките.
Paranthropus boisei се појавил пред околу 2,3 милиони години и изумрел пред приближно 1,2 милиони години, веројатно поради климатските промени што влијаеле на достапноста на храна.
Научниците не ја исклучуваат конкуренцијата со видот Homo erectus, кој живеел во исто време и можеби користел слични извори на храна.
Според истражувачите, откритието е еден од ретките докази што не само што кажува за анатомијата на древните хоминини, туку и за нивното однесување и начин на живот.

